“ВРЕВАТА ОД НЕГОДУВАЊАТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СОКРИЕ”

Внатре во нас постои еден дел на душата што се нарекува „етичар”. Тој „етичар” се бунтува кога гледа некого како скршнува од патот, а честопати оној што суди ја има направено истата девијација.

Меѓутоа, тој не се прекорува себеси, туку го прекорува другиот. А Бог не го сака тоа. Христос во Евангелието вели: „Како е можно други да поучуваш, а самиот себе да не се учиш? Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш?” (Рим. 2, 21-22).

Можеби не крадеме, но убиваме co тоа што го оцрнуваме и зборуваме лошо за другиот наместо за себеси.

На пример, велиме:

„Требаше да го сториш тоа. Е, сега, не го направи, па еве што ти се случи!”

Во тој случај, всушност, ние посакуваме на другиот да му се случи нешто лошо. Кога мислиме на лошото, тогаш тоа може и реално да се случи. На еден таинствен и невидлив начин му ја намалуваме силата на другиот да чекори кон доброто; а тоа значи дека му правиме зло.

Ние така може да станеме причина другиот човек да се разболи, да си ги загуби работата, имотот итн. На тој начин не му правиме зло само на нашиот ближен, туку си правиме зло и на себеси, затоа што ја оддалечуваме Божјата благодат.

Тогаш се молиме, но нашата молитва не е слушната. „Бараме и не добиваме” (cп. Јк. 4,3).

Зошто? Сме размислиле ли некогаш за тоа? „Затоа што погрешно бараме” (cп. Јк. 4, 3).

Треба да најдеме начин да ja исцелиме тенденцијата што постои во нас да чувствуваме и да мислиме co злоба за другиот човек.

Можно е некој да каже: „вака како што се однесува овој човек ќе биде казнет од Бога”.

И кажувајќи го тоа, тој мисли дека тоа го прави без злоба. Меѓутоа, многу деликатно е да се процени дали имаме злоба или немаме. Тоа не може да се види јасно. Многу е таинствено она што го крие нашата душа и како тоа може да влијае врз личности, врз ситуации и врз предмети.

He ce случува истото доколку, co страв, кажеме дека другиот не живее добро и да се молиме Бог да му помогне и да му даде покајание. Значи, тогаш ниту кажуваме, ниту длабоко посакуваме Бог да го казни за тоа што го прави.

Тогаш не само што не му правиме лошо на ближниот, туку му правиме добро. Кога се молиме за ближниот, тогаш позитивна сила излегува од нас и оди кај братот, го исцелува, го зајакнува и го оживува.

Претставува тајна на кој начин излегува од нас таа сила. Меѓутоа, навистина, оној што во себе го има доброто ја испраќа таа сила на другите, на таинствен и ненасилен начин. Тој му испраќа на ближниот светлина, која формира заштитен бедем околу него и го штити од злото.

Кога за другиот имаме позитивно и добро расположение и позитивна намера и кога се молиме за него, ние го исцелуваме братот и му помагаме да се движи кон Бога.

Постои невидлив живот, а тоа е животот на душата. Toj e многу моќен и може да му влијае на другиот, дури и ако не’ делат километри.

Истото важи и за клетвата, која претставува сила што дејствува злобно. Но, ако co љубов се помолиме за некого, тогаш колкаво и да е растојанието што не’ дели, сепак доброто се пренесува.

Значи, оддалеченоста не претставува пречка ни за доброто ни за лошото. Ние можеме да ги испраќаме на бесконечни растојанија.

Тоа го вели мудриот Соломон: „Нема да се сокрие гласот на негодувањето” (Мудр. Сол. 1, 12).

Гласот на нашата душа таинствено достига и му влијае на другиот, па дури и ако не изустиме ниту еден збор. И без да проговориме, ние може да ги пренесеме доброто или злото, без разлика колкаво е растојанието што не’ двои од ближниот.

Она што не се изразува и што не се изговара обично има поголема сила од зборовите.

Пренесено од книгата “Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит”

Подготви М.Д.

Претходна статијаЖИВЕАМ ВО ГРЕВОВИ, А ЗА СВЕТ САКАМ ДА МЕ СМЕТААТ! “Добротољубие” (Свети Ефрем Сирски)
Следна статија“БОГОРОДИЧКЕ МОЈА, НАПРАВИ ОВОЈ ДА ГО СЛАВИ ТВОЕТО ИМЕ!”