„…Ученикот: Што е тоа во човекот што го прави способен за прелест, кој е тој услов во него самиот?
Старецот: Преподобен Григориј Синаит вели:
Воопшто
земено, има една причина за прелеста – гордоста.
Во човечката гордост, која е самоизмама, ѓаволот наоѓа удобно пристаниште за себе и ја присоединува својата измама кон човечката самоизмама.
Секој човек, повеќе или помалку, е склон кон прелест: зашто најчистата природа човечка има во себе нешто горделиво.
Основани се предупредувањата на Отците! Треба да се биде многу претпазлив за да може човек да се сочува од самоизмама и прелест.
Во наше време, кога сме во недостаток на Боговдахновени наставници, нужна е особена претпазливост, особена будност над самиот себе.
Таа е нужна при сите монашки подвизи, а најпотребна е при молитвениот подвиг, кој е повозвишен од сите подвизи, најспасоносен за душата и најизложен на нападите на врагот.
Затоа, поминувајте го времето на својот живот со страв,
заветува Апостолот.
Вежбањето на Исусовата молитва има свое
начело, своја постепеност и свој крај бесконечен. Неопходно е молитвата да се исполнува од почеток, а не од средината и не од крајот.
Свети Калист, патријарх константинополски, опишувајќи ги духовните плодови на таа молитва, вели:
,,Никој од оние кои не ги научиле тајните или кои уште имаат потреба од млеко, наслушнувајќи за високото учење на благодатното дејство на молитвата, да не се осмели да се допре до него.Забранет е таквиот неправовремен обид.
Оние, пак, кон ќе се обидат и предремено ќе го побараат она што доаѓа во свое време, засилено обидувајќи се да влезат во пристаништето на бестрастието, при несоодветна за нив подготовка, Отците ги сметаат за луѓе кои се наоѓаат во умна пореметеност. Не може да чита книга оној кој е уште неписмен.”
Ученикот:
Што значи тоа да се почне вежбањето на Исусовата молитва од средина и од крај, а што значи пак да се исполнува од почеток?
Старецот:
Од средината почнуваат оние почетници кои откако ќе прочитаат во Светоотечките списи напатствие за вежбање на Исусовата молитва, кое Отците им го дале на безмолвниците, т.е. на монасите кои веќе далеку напреднале во монашкиот подвиг, не размислувајќи го примаат тоа напатствие како раководство во своето делување.
Од средината почнуваат оние коишто без било каква претходна подготовка, засилено се обидуваат да се подигнат со умот во храмот на срцето, и оттаму да jа вознесат молитвата.
Од крајот почнуваат оние кои бараат
веднаш да ја откријат во себе благодатната сладосна молитва и другите нејзини благодатни дествија.
Треба да се почнува од почеток, т.е. молитвата да се извршува со внимание, со побожност, со цел на покајание, грижејќи се единствено за тоа тие три својства постојано да соприсуствуваат во молитвата…“