Шестта недела по Пасха, на слепиот.

Свето евангелие според светиот апостол Јован

9:1-38

1. Кога одеше, виде еден слеп човек од неговото раѓање.

2. Учениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?”

3. Исус им одговори: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.

4. Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи.
5. Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот.”

6. Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот,

7. и му рече: „Отиди и измиј се во бањата Силоам, што значи: »пратен«!” Тој отиде, се изми и дојде прогледал.

8. А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и просеше?”

9. Едни велеа: „Тој е”, а други: „Личи на него.” Тој, пак, зборуваше: „Јас сум.”

10. Тогаш го прашаа: „Како ти се отворија очите?”

11. Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: »Отиди во бањата Силоам и изми се!« Отидов, се измив и прогледав.”

12. Му рекоа пак: „Каде е Он?” Тој рече: „Не знам.”

13. Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп.

14. А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите.

15. Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: „Како прогледа?” Тој им одговори: „Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам.”

16. Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата.” Други рекоа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана расправија помеѓу нив.

17. Пак му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за Него? Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е.”

18. Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на прогледаниот,

19. и ги прашаа: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?”

20. Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп;

21. но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!”

22. Ова го рекоа неговите родители, оти се боеја од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, што ќе Го признае за Христа.

23. Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!”

24. Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога; ние знаеме дека Оној Човек е грешен.”

25. А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.”

26. Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?”

27. Тој им одговори: „Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?”

28. А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици.

29. Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.”

30. Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите.

31. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша.

32. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.

33. И ако Он не беше од Бога, не можеше да направи ништо.”

34. Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нe учиш?” И го испадија надвор.

35. Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?”

36. Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?”

37. Исус му рече: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е.”

38. А тој рече: „Верувам, Господи!” И Му се поклони.

 

СИНАКСАР

Стихови:

Подателу на Светлина, Кој си Светлина од Светлината, Слове, му даруваш вид на слепородениот.

Во овој ден, Шеста недела по Пасха, го празнуваме чудото на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, што го направи над слепородениот.

И ова чудо го направи со помош на вода, како и она со Самарјанката и со раслабениот.

А се случи вака:

Додека Господ разговараше со Јудеите и Себе се правеше рамен на Отецот, велејќи:

Јас постојам уште пред да се роди Авраам, тие зедоа камења за да ги фрлат по Него. Но Он, заминувајќи оттаму, најде еден слеп човек кој одеше со пипање.

Така било од неговото раѓање, имајќи ги само празнините во очите. Учениците, пак, Го прашаа Спасителот:

Учителу, кој згрешил? -Тој или родителите негови?

Ова прашање тие го поставија затоа што Господ порано на раслабениот беше му рекол:

Ете, сега си здрав, и повеќе не греши; па мислеа дека причина за неговото слепило се гревовите на неговите родители, според некое учење на епикурејците дека душите постоеле од порано (пре-егзистирале) и дека поради нивните гревови повторно влегувале во некое тело.

Отфрлајќи ги сите овие работи, Христос рече:

Ова не е од тие причини, туку за да се јават делата на Бога, односно Моите, зашто не станува збор за Отецот, бидејќи сврзникот „за да“ го има за цел објавувањето на Синот.

Штом го рече тоа, Христос плукна на земјата, направи кал и го намачка местото кај што се сместени очите, и му нареди да отиде во бањата Силоам и да се измие, за да покаже дека Он е тој што во почетокот зеде прав од земјата и го создаде човекот.

И бидејќи окото е еден од најважните органи на телото, го создава, иако тоа не постоеше, за да покаже, исто така, дека Он е тој што и дава движење и на душевната сила.

Он не се служи со вода, туку со Својата плунка, за да се знае дека секоја благодат доаѓа од Неговата уста; и дека треба да го испрати во Силоам, и му нареди да се измие, за да не мислат дека исцелението со кал го извршил некој човек излезен од земјата.

Он го испрати во Силоам за да има повеќе сведоци на неговото исцеление, бидејќи, додека тој одеше со намачкани очи, имаше можност да биде виден од мнозина.

Но, според некои, кога тој се изми, не ја отстрани калта што беше направена од плунка, туку самата кал, под дејство на овој течен елемент – плунката, беше се преобразила за да ги оформи очите.

Силоам значи „испратен”.

Таа бања се наоѓаше надвор од градот Ерусалим. За време царот Езекиј, кога непријателските војници го опседнуваа градот и кога го зазедоа Силоам, водата се повлече оттаму.

Пред да бидат ископани кладенци и бунари за да може да се нацрпе вода, таа (водата) се појавуваше повторно само кога ќе отидеше некој да нацрпе вода, испратен од пророкот Исаија.

Но, ако некој од војниците или некој оттаму сакаше да налее вода, изворите пресушуваа.

Затоа и Самиот Христос, за да покаже дека доаѓа од Бога, го испрати таму слепородениот, и веднаш се јави светлината. Некои мислеле дека Силоам значи ,испратен, поради овој слепороден кој бил испратен од Христа.

Откако се изми, слепиот прогледа, преку некоја неискажлива сила, без да може самиот страдалник да ја дознае тајната. Неговите соседи и тие што го познаваа, кога видоа дека тој прогледал, се збунија.

Самиот, пак, признаваше дека порано бил слеп и, кога го прашаа за причината на неговото прогледување, тој раскажуваше дека Христос е исцелителот на неговата мака.

А фарисеите, кога слушнале за ова преславно чудо, повторно го обвинуваа Спасителот дека не ја почитува саботата, бидејќи, како што се чини, и ова чудо, со слепиот, се случило во сабота.

И настана расправија меѓу нив: едни велеа дека Исус е од Бога, поради чудата што се случуваа, а други велеа дека не е од Бога, бидејќи не ја почитува саботата.

Оние што имаа добро мислење за Исуса, го прашаа слепиот:

А што мислиш ти за Него?

Тој одговори отворено дека е пророк. Но другите не сакаа да поверуваат дека бил слеп и дека Христос го излекувал, па затоа ги повикаа неговите родители, бидејќи не им веруваа на соседите.

Но, колку повеќе тие сакаа да ја скријат вистината, толку повеќе ја откриваа, бидејќи и родителите потврдија се како што било, дури по цена да бидат исфрлени од синагогата и, под изговор дека нивниот син е доволно возрасен, тие одговорноста ја префрлија на него.

Но фарисеите пак му рекоа на слепиот: Прослави Го Бога, бидејќи исцелението е од Него, а не од Христа, оти Тој е грешен, затоа што ја разорува саботата.

Слепиот, сакајќи да покаже дека е Бог, преку Неговите дела, одговори: Не знам. Само знам дека бев слеп и дека сега гледам, благодарејќи на Него.

Но тие пак му рекоа:

Како ти ги отвори очите? Но тој, веќе изморен, не им одговори во подробности, туку прецизираше:

Ако Он не е испратен од Бога, не би можел да го направи ова чудо. Тогаш тие почнаа да го навредуваат, затоа што на тој начин тој призна дека е Негов ученик и поради тоа што беше рекол:

Никој не отворил очи на слепороден; други слепци прогледале, но никогаш некој слепороден!

Потоа тие се подбиваа со него и го избркаа од синагогата. Отпосле го најде Исус и му рече:

Веруваш ли ти во Синот Божји? А тој, кога дозна Кој е Оној што му зборува и, гледајќи Го, благодарение Нему (бидејќи порано не можеше да го види, поради слепилото), Му се поклони и стана Негов ученик, проповедајќи го Неговото добро дело.

Со други зборови, би можело да се каже дека слепиот го означува народот произлезен од паганството, што Исус го сретна додека беше на земјата, а не на небото.

Или пак, бидејќи е дојден заради еврејскиот народ, патем Он свратил и кај незнабошците.

Плукајќи на земјата и правејќи кал, Он ги намачкал, наместо најнапред да ги поучи. Бидејќи Он е дојден како роса на земјата, и се воплотил од Дева Марија.

Потоа го даде и божественото крштение, кое одговара на Силоам.

Потоа и христијанскиот народ, произлезен од незнабошците, имаше храброст да поднесе се заради Христа, беше гонет и сведочеше, и најпосле беше признаен и прославен од него.

Со Твојата неизмерна милост, Христе Боже наш, Дарителу на светлина, помилуј нѐ и нас, и спаси нѐ.

Амин.

Претходна статијаПОКАЈАНИЕ
Следна статијаРасипаноста на душата е причина за телесните болести!