Не барај другите да те сакаат
Во некоја друга прилика, кога бев ожалостен зашто не наидов на одговор на љубовта од некои луѓе, Старецот ми рече:
„Денес луѓето бараат другите да ги сакаат; поради тоа и доживуваат неуспех. Правилно е да не се осврнуваш на тоа дали тебе те сакаат, туку дали ти го сакаш Христа и луѓето.
Само така душата се исполнува”.
Сакај ги сите луѓе!
Љубовта на Старецот немаше граници – беше бесконечна.
Се простираше на сите Божји деца, на сите луѓе, на пријателите и на непријателите.
Ми велеше: „Венецот на нашата љубов кон пријателите во себе има страни тела (сметка, возвраќање, суета, сентиментална слабост, страсно сочувство);
додека венецот на нашата љубов кон непријателите е чист”.
Уште ми велеше:
„Нашата љубов во Христа треба секаде да стигне, дури и до хипикот во Матали.
Имав голема желба да одам таму не за да им проповедам или да ги осудувам, туку заедно со нив да живеам без грев и да ја пуштам љубовта Христова, која сè преобразува, да зборува самата од себе. Ги видов хипиците и се сожалив на нив. Беа како овци без пастир”.
Кога беа во прашање моите социјално – општествени односи, обично ме советуваше:
„Својот христијански подвиг не треба да го вршиш со проповеди и осуди, туку со вистинска мистична љубов.
Кога осудуваме, другите враќаат на тоа.
Кога ги љубиме, мислиме дека им принесуваме на другите, а всушност си принесуваме прво себе.
Љубовта бара жртви.
Со смирение жртвуваме нешто свое, што, всушност е Божјо”.
Човечка љубов остварена преку божествен Ерос
Старецот сметаше дека љубовта кон Христа претставува неопходна претпоставка за љубовта кон луѓето. Љубовта кон Христа е љубов на целото наше битие,
остварена „со цело срце, и душа, и сила и мисла”; таа е бесконечна и вечна, како и Самиот љубен Христос; тоа е љубов што се издига до божестевниот Ерос.