ЗА ПОСТОТ

„…Љубени, ова и ние ќе го правиме, и не само што ќе го оддалечиме од себе размазениот и разнежнетиот начин на живот, туку нашиот пост, молитвата и псалмопеењето ќе ги извршуваме како да е тука присутен и како да нѐ надгледува Самиот Бог.

Така ќе знаеме дека ниту постот, ниту псалмопеењето, ни молитвата не можат да нѐ спасат сами од себе, туку дека нѐ спасуваат кога ги извршуваме пред Божјите очи.

И како што сонцето ги грее оние, кои ги осветлува, така и Божјите очи нас нѐ осветуваат кога нѐ гледаат.

Сѐ ова, пак, го извршуваме пред Божјите очи тогаш, кога умот внимателно Го набљудува Него и кога, гледајќи на Него, постиме, пееме псалми и се молиме.

Меѓутоа, ако во текот на молитвата и псалмопеењето умот понекогаш ни се вознесува кон Бога, а понекогаш е расејан, тоа значи дека сѐ уште потполно не сме се предале на Бога и дека целта на она, што го правиме не е само и единствено Божјиот закон.

Значи, во онаа мера во која отстапуваме од од праведните дела, во таа мера не можеме да опстанеме пред Божјите очи, како што е речено:

беззакониците нема да излезат пред Твоите очи (Псал. 5, 5).

Ние, кои лежиме во рани, Го повикуваме Господ, Кој може да стави лек и завои на нашите рани.

Ве молам да не си дозволиме да се предадеме, и со постот, молитвите, солзите и на секој друг начин, да Го повикуваме сѐ додека не ни се приближи и додека не нѐ исцели.

Да покажеме и со дела дека сме толку богати, така што за Младоженец Го имаме Христос, Кој со надеж Го очекуваме, иако сега е далеку од нас и се крие на Небесата.

Но, ќе дојдат дни кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат (Мат. 9, 15).

Оттука е очигледно дека оние, кои Христос ги повикува мораат цел живот да го поминат во воздржание и во пост, очекувајќи Го во добра надеж, Неговото страшно Второ доаѓање.

Сите ние да се удостоиме со овој блажен и бесмртен живот, со благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и пресветиот и благ и живототворен Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Свети Григориј Палама

Претходна статијаЗА УБАВО ЛИЦЕ И ЗА УШТЕ ПОУБАВА ДУША! (Придобивки од постот!)
Следна статијаАКО НЕ СЕ ПОКАЕТЕ, СИТЕ ТАКА ЌЕ ИЗГИНЕТЕ…Исушената смоква)