Грчката царица Ирина кога во Цариград била соборена од престолот од страна на омразениот слуга, му се обратила на Бога со следниве зборови:
„Ти благодарам Господи, што Ти мене, бедната и недостојна, ме постави на царскиот престол, но бидејќи допушти да бидам соборена од него, тоа го сметам како последица од моите гревови; нека биде со мене волјата Твоја! – Во сè добро и лошо нека биде благословено името Господово“.
Вистина е дека никој не може да ни наштети во она, во коешто ние самите себеси си наштетуваме. Заради тоа точно кажал блажениот Августин:
„Верувај му на Господ Бог, без никаков сомнеж и препушти Му се во потполност, колку што е тоа во твоја моќ:
тогаш нема да те отфрли и нема да престане да те привлекува кон Себе и нема да допушти никакво зло врз тебе, иако ти би бил сиромав и незначаен“.
Оваа порака секој од нас треба да ја знае во потполност и треба цврсто да го има на ум следното:
ништо спротивно нам не може да ни се случи без Божја волја и допуштение;
ниту ѓаволот, ниту луѓето не можат да ни наштетат, доколку Бог тоа не го допушти.
Треба цврсто да веруваме, дека иако ни се случуваат најтешки неволји по Божјо допуштение, Он како врховен Цар ги праќа врз нас како најмилостив Отец на наша полза, заради наше вразумување и поправање и заради нашите неправди и гревови.
Следствено на тоа, никој друг освен самите себеси не може да ни наштети.