Свето евангелие според светиот апостол Матеј

9:27-35

27. А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: „Помилуј нe, Исусе, сине Давидов!”

28. А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Тие му рекоа: „Да, Господи!”

29. Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!”

30. И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте никој да не узнае!”

31. А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја.

32. Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен.

33. По изгонувањето на бесот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израилот!”

34. А фарисеите велеа: „Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите.”

35. И одеше Исус по сите градови и села, и проучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот.

+++

„…Луѓето денес се обидуваат да се спасат со помош на секакви сили: бела, црна, силата на водата, силата на воздухот, силата на цвеќето, и секако, политичката сила.

Сите тие сили изневерија и остана само една: Божјата сила. „Христос“, вели св. Ап. Павле,… „силата Божја и Премудроста Божја“.

Да се познае Бог во Христа не е интелектуално откритие. И тоа е, но и многу повеќе. Тоа е доживување на таа Божја сила, но не нешто што ние го постигнуваме, туку нешто што Бог го полага во нас.

Прашајте ги дванаесетте рибари како можеле да се ослободат од своите слабости и да тргнат во преобразба на светот, тие ќе ви одговорат:

Не ние, и ништо во нас – туку Христос!“ Верувате ли дека можам…?“ Да, Господи!

Прашајте го излекуваниот зависник од алкохол, или од дроги, како успеал да се ослободи од својата ужасна зависност, и тој ќе ви рече:

Не се ослободив јас, туку ме ослободи Христос Кој е во мене! Без Неговата сила уште ќе бев заробен“. … „Верувате ли дека можам…?“ Да, Господи!

Кога ќе ги заплеткам работите и сум на раб да си го упропастам животот, Христос не доаѓа да ми каже:

„Мораш пак да се обидеш! Мораш да се потрудиш, овојпат уште повеќе од порано“. Тука нема благовест; тоа би можело само да ме доведе до очај. Наместо тоа, Он ми доаѓа и ми вели:

„Приближи Му се на Бога и Он ќе го направи тоа за тебе! Приближи Ми се и Мојата сила ќе биде твоја“. „Верувате ли дека можам?“ Да, Господи!

Некој татко го загубил синот во трагична несреќа. Му се срушил целиот свет. Подоцна истиот тој кажал:

Пред мене беа отворени три патишта: Очајот, алкохолот и Христос. Го одбрав Христа и оттаму ми дојде силата“. „Верувате ли дека можам?“ Да, Господи!“

Некоја, пак, актерка поминала низ пеколот на алкохолизмот. Неколку пати се обидела да се самоубие.

Конечно ја испратиле на психијатар. Кога, тетеравејќи се, излегла од неговата ординација, се слушнале себеси како изговара зборови што никогаш порано не ги рекла, освен на шега:

„Не ми треба психијатар. Мене ми треба Бог“.

Таа вечер паднала на подот покај креветот, усрдно молејќи се:

„Боже, ако Си присутен насекаде, се надевам дека ќе ми помогнеш, зашто многу ми е потребна помош“.

„За дваесет минути“, рекла таа, „сѐ беше готово“. Христовата сила дошла во нејзиниот живот, и од тогаш таа станала нова личност.

„Верувате ли дека можам?“ Да, Господи!

 Еве го сведоштвото на уште еден христијанин: „Отсекогаш знаев дека Христос е неопходен, но до сега не знаев дека Тој Е доволен“. Доволен е. Само Тој може!…“

+++

Безумни фарисеи!

Тие во својата заслепеност не можеа да видат дека одрекувајќи се од Христа, всушност ГО ПРИЗНАВААТ за Бога.
Слепородениот, меѓутоа многу мудро им одговори на лицемерните фарисеи:

„Дали е грешен не знам; но, знам дека бев слеп, а сега, гледам“.

Сака да каже ; јас сум прост и неук човек, а вие сте учени и вешти во препирките за грешноста и негрешноста.
Вие мојот исцелител го мерите – со саботата, а јас, СО ЧУДОТО!

Дали е тој грешен и колку според вашето саботјанско мерило, јас не знам.
Јас само знам за ЧУДОТО што Тој го направи врз мене и кое значи за мене исто толку колку што е создавањето на светот.

Оти, додека Тој не ми ги отоври очите, за мене овој свет како да не постоеше.

ОМИЛИИ
Епископ Охридкси Николај

Претходна статијаАкатист на св. Јован Крстител
Следна статијаРАДОСТ И СРЕЌА – Дедо Наум