Старец Јосиф за Божјата волја...
„Значи, ако сакате да ја откриете Божјата волја, откажете се сосема од својата сопствена волја заедно со секоја друга мисла или план, и со големо смирение испросете го бараното знаење во молитва.
Тогаш сѐ што ќе ви се обликува во срцето или она што ќе ви легне на срце правете го, и ова ќе биде по Бога.
А оние што имаат поголема смелост и навика да се молат за ова, уште појасно го слушаат во својата душа божествениот одговор и стануваат повнимателни во својот живот, трудејќи се ништо да не прават без божествено известување.“
….
„Сега си спомнувам што се случуваше со нас кога го молевме Старецот да ни ја соопшти Божјата волја.
Опитот веднаш нè научи без противречење да го примаме неговото прво слово како безусловна вистина.
И навистина, сѐ се случуваше на најдобар начин, дури и кога од човечка гледна точка нештата изгледаа бесмислени. Знаевме дека ако противречиме на кој било начин, давајќи благовидни изговори во поддршка на сопственото мислење, тогаш Старецот ќе отстапеше со зборовите:
„Правете како што знаете“.
Меѓутоа, на тој начин таинствената сила и покровот на успехот ќе беа изгубени за нас. Следствено, ‘првото слово’ на духовниот отец, примено со вера и послушание, ја изразуваше божествената волја.
Во својата поопшта форма, оваа тема е уште посложена и позагадочна, зашто, како што знаеме, божествената волја не им е секогаш позната дури ни на совршените, особено кога некој сака да ја открие во рамките на временската ограниченост.
Од друга страна, потешкотијата може да произлезе од состојбата на човекот што поставил прашање, доколку тој не се ослободил во доволна мерка од острастените склоности и желби, така што дејствува и донесува одлуки под нивно влијание.