ВТОРНИК ОД СВЕТЛАТА СЕДМИЦА

Свето Евангелие според Лука ( 24, 12-35) зачало 113:

12. Но Петар стана и отиде бргу до гробот, и кога се наведна, го виде внатре само покровот и се врати, чудејќи се сам во себе за она што станало.

13. Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии;

14. и зборуваа помеѓу себе за сите овие настани.

15. И кога разговараа и се запрашуваа еден со друг, Сам Исус се приближи и одеше со нив;

16. но очите им се замрежија за да не Го познаат.

17. А Он им рече: „Какви се тие зборови што ги разменувате помеѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?”

18. Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече:
„Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал, што стана во него овие дни?”

19. И ги праша: „Што?” Тие Му одговорија: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ;

20. дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа;

21. а ние се надевавме оти е Он Оној што треба да го избави Израилот; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако стана ова.

22. А и некои жени од нашите нè исплашија; тие биле рано на гробот,

23. и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале оти е Он жив.

24. Отидоа на гробот и некои од нашите и најдоа исто така, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.”

25. Тогаш им рече: „О, безумни и тврди по срце, да верувате во сè што рекле пророците!

26. Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?”

27. Па, како почна од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо.

28. И тие се приближија до селото, во кое одеа; а Он се направи како да сака да продолжи.

29. Но тие Го задржаа, велејќи: „Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!” Он влезе и остана со нив.

30. А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде;

31. тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив.

32. И си рекоа еден на друг: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?”

33. Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани единаесетте и оние што беа со нив,

34. каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симона.

35. И тие кажаа за она, што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот.

Претходна статијаХРИСТОС ВОСКРЕСНА!… НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!
Следна статијаЗА МОЛИТВАТА – Св. Игнатиј Брјанчанинов