ЗА ЧАСОВИТЕ НА СВЕТА ПАСХА

И во целата Светла седмица.

Треба да знаеме дека од овој ден н светата и велика недела на Пасха, до саботата, часовите и повечерието се пеат вака:

Свештеникот започнува: Благословен е нашиот Бог: Христос Воскресна од мртвите: трипати. Целиот тропар.

Потоа говориме трипати:

Откако го видовме Христовото Воскресение, да Му се поклониме на светиот Господ Исус, Единствениот безгрешен.

На Твојот Крст се поклонуваме, Христе, и Твоето свето Воскресение го воспеваме и го славиме. Зашто ти си Бог наш, и освен Тебе, друг не знаеме, и со Твоето име се именуваме.

Дојдете сите верни, да се поклониме на светото Христово Воскресение, зашто, ете, преку Крстот дојде радост за целиот свет. Постојано, благословувајќи Го Господа, го воспеваме Неговото Воскресение, зашто Он, откако претрпе распнување, со смртта, смртта ја разруши.

Потоа ипакој, еднаш:

Жените кои, пред зори, отидоа на гробот заедно со Марија, и каменот потргнат го најдоа, од ангелот слушнаа:

Зошто го барате меѓу мртвите Оној што живее во вечна Светлина?

Видете ги гробните пелени, одете и на светот објавете му дека воскресна Господ, Кој смртта ја умртви, зашто е Син Божји, Кој го спасува родот човечки.

Потоа кондакот еднаш:

Кога си слегол во гробот, Бесмртни, си ја разурнал силата адова, и си воскреснал како победител, Христе Боже, Кој на жените мироносици им благовести: Радувајте се! Кој им даруваш мир на Твоите апостоли, а на паднатите им даваш Воскресение.

По него и овој тропар, еднаш:

Во гробот телесно, а во адот со душата како Бог; во рајот, пак со разбојникот, и на Престолот си бил со Отецот и Духот, Христе Неопислив, Кој сè исполнуваш.

Слава:

Твојот гроб, Христе, изворот на нашето воскресение, се покажа како живоносец, како поубав од рајот, навистина, и посветол од секоја царска одаја.

И сега, богородичен:

Радувај се, Богородице, осветено божествено живеалиште на Севишниот, бидејќи преку тебе им се даде радоста на оние што викаат: Благословена си ти меѓу жените, сенепорочна Владичице!

Потоа: Господи, помилуј, 40-пати. Слава, и сега:

Почесна од херувимите: Во името на Господа, отче благослови. Свештеникот, стих: По молитвите на светите отци наши: А ние пееме: Амин.

И пак говориме: Христос Воскресна: трипати. Слава, и сега: Господи, помилуј, трипати. Благослови. И отпустот на првиот час.

На овој начин се пее и по третиот час, по шестиот, и пред литургијата. Исто така и пред вечерната, по деветиот час, и по повечерието, еднаш. Исто така и по полуноќницата.

Извор: ЦВЕТЕН ТРИОД

Подготви Светланка Трајчева

Претходна статијаЗа изгледот на Господ Исус Христос…
Следна статија„Последното место“ е почеток и крај на овоземниот православен духовен живот