НЕДЕЛА ВТОРА ОД СВЕТИОТ ПОСТ

СИНАКСАР

Стихови:

Големиот и светол проповедник на Светлината,
Изворот на светлината сега навистина го води кон незаодната Светлина.

Овој син на божествената и незаодна светлина, навистина вистински Божји човек и чудесен слуга и служител на божествените (тајни), потекнуваше од Азија, од пресветли и славни родители кои се трудеа да го украсат своето дете со наука и добродетели, не само надворешниот и сетилен човек, туку уште повеќе внатрешниот, оној што не се гледа.

Бидејќи го загуби својот татко уште на најрана возраст, неговата мајка, и него и неговите браќа и сестри, ги хранеше и упатуваше во законот Божји и во свештените писанија, а ги испраќаше и при учители да ја учат и надворешната мудрост.

Со живоста на неговата природа тој ја помеша и ревноста кон учењето, за кусо време ја придоби рационалната мудрост така што, кога имаше дваесет години, бидејќи земните работи ги сметаше за полажливи од сонот, тој се потруди да се искачи кон причината и изворот на секоја мудрост, односно кон Бога, и целосно да Му се посвети преку еден посовршен живот.

Затоа тој и ја откри на мајка си својата набожна намера и големата љубов кон Својот Бог и разгорената желба за Бога. Тој открил дека и таа веќе подолго време ги има истите чувства и дека се радувала на тоа од истите причини како него.

Веднаш потоа мајката ги собра своите деца околу себе, радосно велејќи: „Еве ме мене и децата мои што ми ги даде Бог”.

Таа ги испита нивните мисли што се однесува на доброто и им ја откри намерата на големиот Григориј. А тој, откако им упати поучни зборови, успеа, за помалку време отколку што е потребно, да ги убеди и да поттикне и кај нив слична љубов како неговата да го следат во неговото бегство од животот во светов. Тогаш тој го раздели своето богатство на бедните, според Евангелието, доброволно се одрече од царските привилегии и почести, за да Го следи Христа.

Својата мајка и сестри ги смести во еден женски манастир, а браќата ги зеде со себе и отиде на Гората Атонска. Меѓутоа, на браќата им советува да одат во различни манастири, бидејќи не беше можно да живеат достоен живот за Бога останувајќи заедно едни со други.

Самиот тој се покори на еден чудесен човек, по име Никодим, кој живееше во безмолвие предавајќи Му се на единствениот Бог. Кај него се научи на секоја заповед, на секоја добродетел, на смирение на душата.

По неговото заминување при Господа, откако во текот на едно тајно откровение се увери во застапништвото на Сечистата Богородица и во нејзината непобедлива помош, тој помина неколку години во Големата Лавра.

Потоа, со зголемена ревност и со еден позрел дух, од љубов кон безмолвието, тој замина од Лаврата и се повлече во осамеништво. Зголемувајќи ја својата љубов и сакајќи да биде секогаш со Бога, тој се предаде на најстроги подвизи.

Воздржувајќи ги целосно своите чувства преку истрајна молитва, откако својот ум го издигна кон Бога, се посвети на непрестајна молитва и на божествени созерцанија, и уредувајќи го својот живот на најдобар начин, со Божја помош ги победи демонските напади; со сеноќни стоења и со реки од солзи, стана избран сад на даровите на Духот Божји и имаше чести боговиденија.

И, чудна работа, дури и кога премина во Солун поради отоманските напади, и кога отиде во скитот во Верија и, по потреба да посетува еден или друг град, понекогаш и со некој граѓанин разговараше, дури ни тогаш не ја напушти точноста со која тој го водеше начинот на својот живот.

Откако тој за малку години ги очисти совршено и телото и душата, на повик Божји тој ја прими големата благодат на свештенството, и како нетелесен или, така да се рече, како да беше надвор од себе, тој ги служеше божествените тајни, гледајќи само да ги допре душите на оние што го гледаа.

Тој беше навистина голем, и секој што живееше според Бога во него препознаваше носител на Духот. Дури и на оние што гледаа надворешно, тој им изгледаше како да има моќ против демоните, способен да ги избави оние што беа подложени на нивните стапици и лукавства, да родат плодови дрвја неродни, да предвиди иднина, а беше украсен и со други дарови и плодови на Божествениот Дух.

Бидејќи, ако практикувањето на добродетелите е во наша власт, не ни е туѓо ни паѓањето во искушенија; без нив нема ни усовршување, ниту покажување на верата во Бога (бидејќи само желбата и практиката на доброто го прават човекот совршен, кој живее по Бога).

Дека овој голем светител среќавал чести и бројни искушенија, треба да прифатиме, и на тој начин ни се покажува навистина совршен. А оние работи, кој ум може да ги сфати, кој збор може да ги изрази овие дотогаш нечуени сплетки ковани од лутиот непријател, поткажувањата и клеветите на новите непријатели на Бога против него, борбите што мораше да ги води за вистинската вера во текот на дваесет и трите години, кога тој од страна на неговите непријатели претрпе најразлични маки и неволи?

Бидејќи италијанскиот ѕвер, калабриецот Варлаам, кој се потпираше на надворешната (земна) мудрост и, во суетата на своите сопствени помисли, мислејќи дека знае се, започна една ужасна кавга против Црквата Христова и против нашата благочестива вера и против оние што цврсто се придржуваа за неа.

Тој безумно тврдеше дека општата благодат на Отецот и Синот и Светиот Дух и светлината на идниот век, онаа во која праведниците ќе светат како сонце и којашто и Христос однапред ја покажа кога засветли на Гората (Тавор), најпосле и сите сили и енергии на Триипостасното божество, и се она што на некој начин се разликува од суштината Божја, се создадена твар.

Што се однесува, пак, до оние кои, сообразно со вистинската вера, оваа божествена светлина ја сметаат за несоздадена, како и секоја сила и енергија која излегува од Бога, со помошта на долги говори и расправи, сметајќи дека ова не припаѓа на ниту едно ново природно својство на Бога, тој ги именуваше двобошци и многубошци, како што тоа го правеа, кога зборуваа за нас, Евреите, како и Савелиј и Ариј.

Поради ова, божествениот Григориј, како пресветол застапник и поборник за верата, и како оној што пред сите се бореше за неа во првиот ред, беше наклеветен и, испратен од Црквата, тој пристигна во Константиновиот град.

Тогаш набожниот цар Андроник IV Палеолог, како заштитник на верата, свика свештен собор. На него беше присутен и Варлаам кој ги изложи своите заблудени мислења и обвинувања против приврзаниците на православието.

Но великиот Григориј, исполнет со Дух Свети и облечен во непобедливата сила одозгора, ја затвори оваа против Бога отворена уста и докрај го посрами и, со боговдахновени зборови и списи, во прав ги претвори трњето на неговите ереси.

Не можејќи да го поднесе поразот, овој противник на набожноста побегна кај Латините, откаде што и дојде. Веднаш потоа, на соборот, Григориј го изобличи и оној што се именуваше „Поликиндин”, што значи:

„оној што претставува мноштво опасности” (игра на зборови за Акиндин, чие име значи „без опасности”) и неговите списи ги мина како низ сито со своите побивачки говори.

Но оние што беа заразени од таа болест, не престанаа така лесно да се борат против Црквата Христова. Соборот, а и самиот цар, им се спротивставија со голема сила.

Григориј, потврден со Божја волја пред сите, се искачи на архиепископскиот престол и стана пастир на светата Црква во Солун.

За православната вера, храбро и трпеливо, тој поднесе уште побројни подвизи од претходните.

Бидејќи лукавите наследници на Акиндин и Варлаам, кои колку што беа бројни толку се покажаа и неподносливи, нивните постапки како на диви ѕверови, нивните мислења и нивните списи, и тоа не само еднаш или двапати или трипати, туку и многу пати, не само за времето на еден цар или патријарх, туку и за времето на три последователни скиптри, и исто толку патријарси, и во текот на собори кои е тешко да се набројат, со помошта на говори и боговдахновени списи, тој им се спротивстави на многу начини и, најпосле, ги победи.

Некои останаа непоправливи, не сметајќи го за ништо горниот суд, и така продолжија.

Се уште има остатоци од ереси кои бесрамно се креваат против светите што ги победија, да не зборувам и за дрскиот род јудејски кој и до сега има непријателство против Христа.

Ете, накратко, вакви се и толку се бројни победите на великиот Григориј против нечестивите.

Бог, на неискажливи начини, го испраќа за учител и на исток: како старешина, го испраќа од Солун во Константиновиот град да ги смири разните цареви.

Земан е и од Агарените и држен цела година, страдалнички одејќи од место во место и од град во град и смело проповедајќи го Хрисовото Евангелие:

едни утврдувајќи ги и советувајќи ги, згора и молејќи ги да останат во верата оние што се колебаа, и кои имаа некои недоразбирања и барања во врска со она што им беше предлагано, богомудро утврдувајќи ги, а на некои им даваше и исцеленија.

Не пропушташе многупати да зборува и на други неверни, како и на покајани христијани кои отпаднале и пристапиле кон другите и со себе ги влечеле и нашите за промислата Божја во врска со воплотувањето на Господа нашиот Бог и за почитувањето на чесниот крст и на светите икони.

Зборуваше и за Мухамеда и за многу од нив предложени барања, при што, едни му се восхитуваа, а други покажуваа непријателство и креваа раце против него, дури и маченички ќе завршеше ако по Божја промисла не беше поштеден.

Така великиот (Григориј) беше ослободен од христољубивите и бескрвниот маченик пак се врати при своето стадо. Покрај другите бројни и големи дарови и првенства што ги имаше, тој се украси и со раните Христови и, по примерот на Павле, беше многупати во немаштија.

Да покажеме и некои од неговите особини:

на прво место кроткоста и смирението (но не кога станува збор за Бога и за Божјата наука, бидејќи за нив беше и поборник), незлобивост и не помнење зло, ревност во правењето добро според силите, трпеливост и великодушност во однос на неволјите што наидуваа, воздржување од телесни сласти и лажна слава, помагање на бедните;

имаше до крај благодатно трпение и безмолвие, страдалнички борејќи се против страстите и демоните.

Така и еретиците ги изгони далеку од Црквата Христова, и православната вера со зборови и списанија ја разјасни и со нив, како со печат, сето Божествено писмо го запечати, живеејќи по примерот на многу светии.

Откако своето стадо апостолски и богоугодно го водеше тринаесет години, и со своите поуки нивните нарави ги подобри, кон небесните огради се упати, и стана, така да се рече, општ добротвор на сите православни, живи и идни, тој премина кон другиот живот, откако поживеа се на се шеесет и три години.

Својот дух го предаде во рацете на Бога, а своето тело – го остави на своето стадо просветлено и прославено, како света реликвија, сочувано во Солун, за да светли таму и да биде прославено како скапоцена ризница и наследство, бидејќи Христос, преку чудеса, на верните кои секојдневно приоѓаат, им дава исцеленија од секоја болест.

За тоа историјата не малку ни раскажува.

Преку неговите молитви, Боже, смилувај се и на нас. Амин.

Подготви: С.Т.

Претходна статијаНЕДЕЛА СИРОПУСНА Евангелие од Матеј (6, 14-21)
Следна статијаДА ГО ПОЧИТУВАМЕ МИРОТ НА СВОИТЕ БЛИЖНИ!