Блажени се оние кои плачат за повеќе добрина во луѓето и меѓу луѓето, бидејќи малку ја има;

кои плачат за повеќе љубов, зашто и неа малку ја има;

кои плачат за повеќе правда, затоа што и од неа има малку.

Блажени се сите кои плачат за повеќе вистина, за повеќе молитви, за повеќе пост, радост, милосрдие во луѓето и меѓу луѓето.

Блажени се оние кои плачат за повеќе светлина,

за повеќе бесмртност, за вечност, за повеќе ангели,

за повеќе од сѐ Божјо во луѓето и меѓу луѓето.

 

Блжени се, бидејќи додека плачат – благиот Утешител, Светиот Дух:

Духот на Вистината, Духот на Вечноста,

Духот на Правдата, Духот на Љубовта,

Духот на Радоста, Духот на Бесмртноста,

Духот на Светлината невидливо врз душите на расплаканите ја разлева и Светлината, и Вистината, и Правдата, и Љубовта, и Радоста, и Бесмртноста, и Вечноста.

 

Блажен е човекот кој за време на молитвата кон Пресвета Богородица ќе заплаче од радосно умиление затоа што постои Таа – чудесната Молитвеничка за целиот човечки род и семилостивата Помошничка во секоја мака и неволја.

Блажен е човекот кој ќе заплаче од радосното чувство дека постои толку прекрасен, толку човекољубив, толку семилосрден Спасител на светот како што е Господ Христос.

Блажен е човекот кој ќе заплаче од радост што околу себе има толку илјади свети сведоци за Христовата Благавест.

Блажен е човекот кој плаче од радост затоа што постојат многу луѓе кои живеат според Божјите заповеди, и зашто има тајни евангелски дела, подвизи, расположенија.

Блажен е човекот кој плаче од молитвена благодарност затоа што чудесниот Богочовек ја создаде Црквата од ангели и луѓе, и им дозволи да живеат заедно како браќа.

Блажен е човекот кој плаче од умиление пред скромноста, милосрдието, човекољубието, страдањето, пред трпението на кроткиот Господ Исус.

Блажен е човекот кој во молитвата ќе заплаче трогнат од страдањето на некој маченик или од подвигот на некој светител.

Воопшто, блажен е човекот, секој човек, кој плаче пред сѐ свето, евангелско, Божјо..

Преподобен Јустин Ќелијски

Претходна статијаСтарец Ефрем Филотејски (…веруваат дека Старец Ефрем бил обдарен со пророчки дар)
Следна статијаOтче Спиридоне, моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши!