Светиот апостол и евангелист Лука

Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот.

Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела.

Откако поверува во Господ, Св. Лука беше вбројан меѓу Седумдесеттемина апостоли и пратен на проповед.

Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24).

По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на Св. апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожците.

„Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните Св. апостол Павле (Колосјани 4, 14).

На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година.

После мачениката смрт на Св. апостол Павле Свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места.

Ја иконописаше Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така Светите апостоли Петар и Павле.

Оттука Свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис.

На старост го посети и Горен Мисир. Од Мисир се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост.

Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја.

Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслина во градот Тива (Теба) Беотиска.

Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.

На Господи, повикав, стихири, глас 8.

Како да те наречам сега, апостоле?

Небо, зашто си ја проповедал славата Божја? Болскот, затоа што светот го озаруваш со светлина? Облак, затоа што поросуваш со божествени води? Чаша на божествената мудрост, која ни точи вино што го весели срцето? Моли да се спасат душите наши.

Како да те именувам сега, богопријатен?

Златен ковчег на заветот, што Христос го заветува? Река која од Рајот ни потече? Светило кое зрачи духовна светлина? Светилник кој целата Црква ја озарува? Леб на животот на божествената трпеза? Чаша на духовното пиење? Моли да се спасат душите наши.

Како да те именувам сега, боговидецу?

Ефикасен служител на Христовите тајни? Мудар строител на духовната скинија? Кројач на таблиците на благодатта, кој го запиша најновиот закон што излезе од Сион и беше проповедан од тебе? Моли да се спасат душите наши.

Како да те именувам сега, славен Апостолу?

Безбедна ризница на небесните дарови? Сигурен лекар на душите и на телата? Павлов соработник и сопатник кој ги изложи делата на апостолите? Бројни се имињата твои, Луко, за многуте твои добродетели! Моли да се спасат душите наши.

Како да те именувам сега, богопроповеднику?

Ученик, затоа што ни Го благовести Христа? Лекар, затоа што ги лекуваш душевните страсти? Светилник, кој зрачи духовна светлина? Скалило и темел на верата, бидејќи ти ни го напиша сечесното Евангелие? Моли да се спасат душите наши.

Како да те наречам сега, чудесен (апостоле)? Верен пазител на учењата на мудроста, писател на Делата на апостолите, или непоколеблив столб на благочестието, или неразрушлив ѕид на Црквата? Бројни се имињата твои, Луко, и уште побројни се даровите! Моли да се спасат душите наши.

Тропар, глас 5.

Со песни свештени да го прославиме светиот апостол, превоспеаниот Лука, раскажувачот на апостолските дела, и светол писател на Христовото Евангелие, кој е неопислив за Црквата Христова, како лекар на човечките немоќи и болести на природата, кој ги лекува и раните на душите, и се моли непрестајно за душите наши.

Кондак, глас 2.

Да го прославиме божествениот Лука – проповедникот на вистинското благочестие, и говорникот на неискажливите тајни, црковната ѕвезда, зашто Словото, Кој единствено ги знае тајните на срцата, го избра него, заедно со мудриот Павле, за учител на народите.

Подготви: Покајание

Претходна статијаНЕПРАВДАТА ГИ МАЧИ ПОТОМЦИТЕ
Следна статијаКАКО БОГ НЕ’ КАЗНУВА…?! – Митрополит Наум