ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА

Блажен е оној човекː Првиот антифон.

Стихири на Господи, повикав, на 8. Глас 1.

Богородице чиста, ти си голема заштита на тажните; брза помошничке, на светот поткрепа и спасение; бездна на милосрдие, на мудрост Божја извору, покров на светот; да ја воспееме, верни, нејзиниот светол омофор фалејќи го неискажливо:

Радувај се, благодатна, со тебе е Господ Кој, преку тебе, на светот му дарува милост голема. (2-пати)

Чудесниот Илија претскажа, велејќиː Во последните дни ќе засветли Гората Господова, и домот Господов на врвот од Гората.

Во тебе, Владичице, видовме дека пророштвото вистински се остварило, зашто горите и ридовите се украсија со цркви, посветени на твои празници. Затоа весело ти пеемеː

Радувај се, благодатна, со тебе е Господ Кој, преку тебе, на светот му дарува милост голема.

Ти си чудесен украс на сите верни, вистинско исполнување на пророштвата, слава на апостолите и украс на мачениците; пофалба на девството и чудесен покров на целиот светː

Со омофорот на твојата милост, покриј ги, Владичице, владетелите и сите луѓе кои викаатː Радувај се, благодатна, со тебе е Господ, Кој на светот му дава милост голема.

Други стихири, глас 4.

Тебе, Богородице, познавајќи те како богонасаден рај и место на Живоносното дрво, од Светиот Дух напојувано, која Творецот на сите Го роди, Кој со живоносниот леб верните ги храни, Нему, заедно со Претечата, моли Му се, со чесниот омофор покривајќи ги побожните владетели и сите луѓе, и штитејќи ги од секакви напасти.

Се осветува небото и земјата, Црквата болска и се веселат луѓето, бидејќи, ете, Мајката Божја со ангелските воинства, со Претечата и со Богословот, со пророците и апостолите, откако влезе невидливо, за христијаните Му се моли на Христа, да ги помилува градот и луѓето, кои го слават празникот на твојот покров.

Како убавина на Јакова, и скала небесна по која Господ слезе на земјата, некогашните слики ја пројавија твојата чест и слава, Богородице, како онаа која Го роди Бога на сите;

те слават небесните ангели, и луѓето земни, бидејќи се молиш за целиот свет, покривајќи ги со милост оние што го прославуваат твојот чесен празник.

Слава, и сега, глас 8ː

Со нас се радуваат сите небески чинови, откако оформија единствен духовен хор, гледајќи ја Царицата и Господарка на сите, славена од толку имиња на верници; се радуваат и душите на праведниците, кои беа гледачи на тоа видение, како во воздухот молитвено ги шири своите сечесни раце, барајќи мир за светот и спасение за душите наши.

Стиховни стихири. Глас 2.

Тебе, која ги надвишуваш сите суштества, небесни и земни, пославна од херувимите и почесна од сите твари, како помош и силен покров на христијанскиот народ Христос те дарува, да ги штитиш и спасуваш луѓето кои згрешиле, и кои ти приоѓаат тебе. Затоа, како прибежиште на сите, те воспеваме, Владичице, и чесниот празник на твојот покров светло го празнуваме, молејќи Го Христа да ни дарува милост голема.

Глас 5.

Стихː Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое.

Луѓе, да ја запееме светло Давидовата песна за девојката Невеста Божја, Мајката на Христа – Царот на ситеː Царицата застана од твојата десна страна, Господи, облечена во златни реси, и украсена со божествени убавини, бидејќи неа – избраната меѓу жените, откако ја украси повеќе од целиот свет, благоволи да се роди од неа – единствената благословена, поради љубовта преголема, и ја дарува за помошничка на Своите луѓе, да им помага и да ги штити од секаква неволја слугите Свои.

Глас 7.

Стихː И најбогатите меѓу народот ќе ја бараат твојата благонаклоност.

Ти си поголема и пославна гора и од Синајската Гора, Богородице, бидејќи таа не го поднесе слегувањето на славата Божја ни во слики ни во сенки, па затоа гореше во оган среде громови и молњи.

А ти, во својата утроба несогорливо си Го носела сиот божествен оган – Божјото Слово, Кој со заповед го носи целиот свет.

Затоа, имајќи пред Него смелост мајчинска, помогни им, Владичице, на оние што верно го празнуваат твојот чесен празник, и не заборавај ги, милостиво посетувајќи ги, зашто од Бога си примила дар да помагаш и да го штитиш твоето христијанско стадо – твоите слуги.

Слава, и сега, глас 2ː

Како со пресветол венец, сечиста Богородице, со твојот чесен покров, Црквата Божја се облече, и во овој ден болска од радост и тајно ликува, Владичице, пеејќи тиː

Радувај се, чесна облеко и венецу на Божјата слава; радувај се, венецу на Божјата слава и вечно веселие; радувај се, пристаниште и избавување на оние што ти приоѓаат, и наше спасение.

Тропар, глас 4.

Денес, Богомајко, ние верните луѓе светло празнуваме, штитени од твоето доаѓање и, гледајќи кон твојот пречист лик, умилно говориме:

Со твојот чесен омофор покриј нѐ, и од секакво зло избави нѐ, молејќи Го твојот Син, Христа нашиот Бог, да ги спаси душите наши.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски). – Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви С. Т.

Претходна статијаНе сме дошле во манастир за некој да ни ја гали суетата… (Митрополит Наум)
Следна статијаТоа што тој го направи е полошо и од Петровото одрекување, па дури и од Јудиното предавство!