Благодатната Марија, благословена меѓу девојките и жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза нa Небесниот Леб, кивот на Божјата Светост, дрво на најслаткиот Плод, слава на човечкиот род, пофалба на Женскиот род, источник на девственост и чистота – тоа е ќерката на Јоаким и Ана.

Родена е во Назарет, a пo три години одведена во ерусалимскиот храм, на празникот Воведение. Света Дева Марија се вратила повторно во Назарет, за наскоро да ја слушне благата вест од светиот Архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

Пресветата Дева Марија била и останала девојка и пред зачнувањето на Синот Божји и за време на зачнувањето и раѓањето, а и по раѓањето останала Приснодева, што значи Вечна Девојка.

Ова чудо на зачнување и раѓање на Господ Исус Христос во Нејзината утроба е од Светиот Дух, зашто каде што сака Бог таму се надминува природниот поредок.

Пресветата Дева Богородица, откако Христос ја почнал Својата јавна проповед на Евангелието, My служела заедно co другите жени Мироносици, и била под Неговиот крст за време на Неговото спасоносно страдање за нас и за сиот свет.

Тогаш Господ ја предал на Светиот апостол Јован. како Мајка на син. Таа живеела кај него и била co него во Ефес на проповед на Евангелието.

Потоа се вратила во Ерусалим и мирно се упокоила во Господа и Синот Свој, а Нејзиниот син и Господ, Кој воскресна од мртвите, го подигнал и Нејзиниото тело на небото, пред општото воскресение, co тоа прославувајќи ја светата Богомајка.

По молитвите на Пресветата Дева и Богородица Марија, Господ нека нѐ помилува и спаси сите нас.

Амин.

„…Значи, со Раѓањето на Пресвета Богородица започна она чудесно Божјо дело на земјата, кое може со еден збор да се нарече «спасение», а поточно «боговоплотување». Раѓањето на Пресвета Богородица Марија претходело пред јавувањето на Господ Исус Христос на земјата во тело.

Нејзиното раѓање го означило приближувањето на времето кога ќе биде уништена силата на гревот, осудата и смртта.

 

Раѓањето на Пресвета Богородица овозможило наскоро да започне божјото дело за откупување на светот и да засвети Божјиот благослов и вечниот живот на земјата. Наближувало соединувањето на Творецот со созданието, започнувало помирувањето на Бога со човекот.

Истовремено, на земјата почнал да слегува Божјиот благослов…“

 

Задувал првиот ветер на спасението, и ако земјата со сето создание сѐ уште не можела да ја доживее полната радост на спасението, сепак ја претчувствувала таа света и голема радост.

Глас четврти:

Рождество Твое, Богородице Дево, радост возвести всеј вселењеј, из Тебе бо возсија Солнце правди – Христос Бог наш и разрушив кљатву, даде благословение; и упразднив смерт, дарова нам живот вечниј.

Твоето раѓање, Богородице Дево, радост му јави на целиот свет, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, Бог наш; рушејќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смртта, ни дарува живот вечен.

Претходна статијаФанатизмот нема ништо заедничко co Христа -Старец Порфириј Кавсокаливит
Следна статија„Мојот противник ми ја нанесе најголемата навреда“- блажениот Августин