ОДГОВОРНОСТА НА МАЖОТ (прв дел)

Во Христовите очи сите се еднакви; нема ни машки пол ни женски. Всушност, бракот е врска на еднаквите.

Нека нема забуна:

во Православието не постои место за никакво потценување од било каква врста.

Тоа што е глава, не му дава на мажот било каква диктаторска, тиранска, самоволна или апсолутна власт над неговите жена и деца.

Сепак, како и секоја друга значајна позиција, и онаа на мажот е проследена од одредени одговорности, кои се многу тешки, но исто така и многу предизвикувачки и потенцијално креативни.

Светото Писмо ни вели дека мажот треба да ја сака жената како што и Христос ја засака Црквата, и се предаде Себеси за неа (Ефес. 5, 25).

Многу христијански сопрузи имаат мала претстава за тоа што значи ваквата љубов.

Во светот поимот „љубов“ обично упатува на телесната љубов, или на сентименталната, романтична љубов.

Ова нема ништо заедничко со христијанското поимање на љубовта. Спомнете си само на Христовите зборови упатени кон апостолите:

Нема поголема љубов од онаа, да се положи својата душа за ближниот.

Љубовта од христијански аспект, значи, претставува жртва, самопорекнување.

Мажот, мора да покажува толку загриженост, грижа, нежност, внимание, почитување и обзирност кон својата жена, колку што и Христос за Црквата.

Грижата на мажот мора да биде толкава, што да може да трае сè до самата смрт. Токму онака, како што Господ Исус Христос страдаше од љубов за Својата Црква, исто така и православниот сопруг треба да принесе сè за својата сопруга – дури и својот живот, ако тоа е неопходно.

И повторно, св. Апостол Павле вели:

Мажот е глава на жената, како што е Христос на Црквата… Ние знаеме каква глава беше Господ: Он им ги миеше нозете на Своите ученици.

За нашиот Спасител, да се биде глава, да се биде прв, значи да се служи – да се има првенство во давањето љубов, разбирање, трпение, во овозможувањето заштита на своето семејство.

Токму ова е пример за водач, за глава, каков што е повикан мажот да биде. И кога тој е таков водач, тој е вистински човек, верен на својата боголико устроена природа.

Мудрата жена ќе го охрабрува својот сопруг да биде таков човек; таа нема да се обидува да ја преземе таа авторитетна положба за себе.

Психолозите тврдат дека гневот што жената го чувствува кон мажот кој ѝ дозволил, наместо него, таа да биде глава на семејството, е најдлабокиот можен гнев.

Така денес, се открива дека многу случаи на деликвенција, па дури и душевни болести, доаѓаат од домови каде што мажот не е глава на куќата, не е извор на сочувство, љубов и заштита.

Должноста на мажот да дава љубов на својата жена и на семејството, не му дозволува да ја заплашува жената. Тој не смее својата сопруга да ја третира како изнајмена слугинка – како што прават многумина мажи.

Еве што вели св. Јован Златоуст во врска со ова:

„Навистина, човекот можеби со страв ќе го приврзе својот слуга кон себе; но не, и него нема, зашто и тој ќе бара начин да избегне и да замине.
Но, ти, својот животен другар, мајката

На своите деца, изворот на својата радост, не би требало да ја врзуваш со страв и закани, туку со љубов и благ карактер.

Зашто, какво е тоа единство, каде што жената се плаши од мажот?

И какво задоволство ќе има мажот, ако со својата жена општи како со робинка, а не како со сопруга, која го сака по својата слободна волја?

Дури и ако во нешто пострадаш заради неа, не ја казнувај, зашто ни Христос не направи така со Црквата“.

Мажи, сопрузи, вистинската љубов за нас започнува тогаш, кога даваме од своето на другите.

Ние навистина почнуваме да сакаме – во христијанска смисла – кога ние први даваме.

Некој сопруг му се пожалил на св. Јован Златоуст, дека неговата жена не го сака.

Светиот му одговорил:

„Оди дома, и ти сакај ја неа“

. „Но не ме разбирате“, рекол сопругот, „како да ја сакам, кога таа не ме сака мене?“

„Оди дома и ти сакај ја“, повторно рекол светиот.

И имаше право. Таму каде што нема љубов, мора да ја подариме својата, и така ќе најдеме љубов.

Мажите често им се жалат на свештениците дека жената не ги сака. Тогаш свештеникот открива дека мажот не оди по патот на давање љубов; тој едноставно чека и бара да биде сакан, отприлика како некој идол, кој чека да го служат и да го обожаваат.

Таквиот маж мора да спознае, дека единствен начин за стекнување на трајна љубов во бракот, е токму нејзиното давање.

Во животот обично го примаме она што го даваме: ако мразиме – примаме омраза; но ако даваме љубов, за возврат и ние добиваме љубов.

Црковните отци порачуваат дека христијанските мажи, мора да ги сакаат своите жени повеќе отколку своите световни работни позиции, зашто нема поголем успех од среќата во домот; и ниту еден успех, кој ние, мажите, во животот ќе го оствариме, нема да значи ништо, ако промашиме во својот дом.

Нашите семејства го заслужуваат најдоброто. Нè има премногу мажи денес, кои надвор во светот, го даваме најдоброто од себе, додека најслабото го оставаме за во домот.

Од таа причина, црковните отци ни зборуваат дека за најголема вредност треба да го поставиме трудот кои го вложуваат нашите жени и повеќе да сакаме да престојуваме во домот со нив, отколку на своето работно место.

Мажи, и вие идни сопрузи, со цело срце да ги чуеме зборовите на еден човек од дваесеттиот век, Французинот Анри Морис:

„Се обврзав за целиот живот; избрав; од сега мојот стремеж нема да биде да барам некој кој би ми угодувал, туку јас да ѝ угодам на онаа која ја избрав…“

Продолжува..

 

Бигорски Манастир

Претходна статија„Зошто, Господи, зошто?“ (за болката)
Следна статијаОДГОВОРНОСТА НА ЖЕНАТА (за бракот – втор дел)