ПРВА СТАТИЈА
1.Блажени се непорочните на патот нивни
зашто одат според законот
Господов.
Животот во гробот си го положил, Христе,
и Мајката на Животот се полага;
глетка чудна за ангелите и за луѓето.
2.Блажени се оние кои ги чуваат Неговите
сведоштва и од срце Го бараат.
Те величаме, Богородице Чиста,
и го почитуваме твоето свето успение,
се поклонуваме на твојот чесен гроб.
3.Оние што не вршат беззаконие, тие
одат по неговите патишта.
Марие, зошто умираш Животу на верните?
И како гробот го смести твоето тело,
коешто Го смести Несместливиот?
4.Ти заповеда да се внимава
на Твоите заповеди.
Ти која Го роди Царот на небесата,
во небесното царство,
Чиста, царски се преселуваш.
5 .О, да се беа управиле моите патишта за
да ги чувам Твоите заповеди.
Од земјата се пресели,
но од неа не се раздели, Сесвета Богородице,
избавувајќи го од беди сиот свет.
6.Тогаш немаше да се засрамам,
гледајќи ги сите Твои заповеди.
Сета земја Христе,
го слави Твоето погребение
и побожно го пее, Владико,
погребението на Твојата Мајка Пречиста.
7.Ќе Те славам Господи со чисто срце,
кога ќе ги научам Твоите праведни
судови.
Ти, која на светот Живот му засветли,
гледајќи те, Чиста, положена мртва,
ангелите, ужасени, се восхитија.
8.Ќе ги почитувам Твоите заповеди;
не оставај ме сосема.
Пак беше испратен Гавриил од Бога
и твоето заминување го благовестува,
Чиста, Наднебесна, Нетлена.
9.Како младичот ќе го чува чист својот пат?
Ако внимава на Твоите зборови.
Во божествената одаја,
Тебе – Невесто Божја,
Женихот те повикува, Богоневесто,
да се веселиш секогаш богоподобно.
10. Со сето срце мое те побарав,
не отстранувај ме од Твоите заповеди.
До престолот Божји,
кај страшната светлина на непристапната Света Троица,
си достигнала и одморила,
Дево Пречиста.
11. Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои
за да не грешам пред Тебе.
Пред Бога застана, кога замина од земјата,
а од Бога не се оддели, Богородице,
уште од мајчината утроба.
12. Благословен си Ти, Господи!
Научи ме на Твоите наредби.
Твоето чесно тело,
и во гроб е нетлено,
но со тело си преминала Дево,
од земјата на небото.
13. Со устата своја ги разгласив сите
судови од устата Твоја.
Твоето лице сесвето, дишејќи со благодат
и мртво како рај се покажа, Пречиста,
и живот на оние што го гледаа.
14. По патот на Твоите сведоштва се насладувам
како во секое богатсво.
Од нас, твоите чеда,
прими љубов и песна погребна,
што ти ги принесуваме, Мајко,
од длабочината на душата.
15. Ќе размислам за Твоите заповеди
и ќе го разберам патот Твој.
Отвори ги, Мајко, твоите чесни очи,
погледни на собраните чеда
што го слават чесно твоето успение.
16. Од наредбите Твои се поучувам, нема
да ги заборавам Твоите зборови.
Устата отвори ја и дај ни благослов,
Пресвета Богородице,
кога си заминуваш од нас времено.
17. Покажи милост кон Твојот слуга,
и ќе живеам и ќе внимавам
на Твоите зборови.
Сега не оставај нѐ сираци, Мајко,
земена од земјата на небото
за да живееш со твојот Син и Бог.
18. Отвори ги очите мои и
ќе ги разберам чудата од Твојот закон.
Околу твојот одар, стоејќи, Дево,
топло те повикувамеː смилувај ни се,
Сесвета, спаси ги сите верници!
19. Придојден сум на земјава,
не сокривај ги од мене Твоите заповеди.
Дојди сега, Ано, пријди, со нас застани
да началствуваш на празникот
на твојата света Ќерка – Богомајката.
20. И копнее душата моја во секое време
да ги сака Твоите судови.
Слава и пофалба да оддадеме на Бога,
Кој ја повика во Светињата како Светиња,
најдобрата од светиите.
21. Им се закани на горделивите;
проклети да се оние кои се отклонуваат
од Твоите заповеди.
Небото се весели, примајќи ја преславно
Царицата на вселената,
гледајќи ја таа што со Бога царува.
22. Отстрани го од мене прекорот и презирот
зашто ги засакав Твоите сведоштва.
Бог на славата, Синот твој, Чиста,
со слава, како Мајка те прими
и те постави десно од Себе.
23. Кнезовите седат и ме клеветат, а Твојот
слуга размислува за Твоите наредби.
Облечена со благодат и преукрасена,
сега си застанала пред Бога
како Царица и Мајка Божја.
24. Сведоштвата, пак, Твои се поука моја,
а наредбите Твои – советници.
Дево, ангелите, служеа на земјата;
ангелите и сега на небесата
покорно стојат пред тебе.
25. Душата моја лежи во правː оживи ме
според зборот Твој.
Кога долетаа ангелските воинства,
со страв стоеја, Чесна Владичице,
гледајќи го твоето чесно успение.
26. Патиштата мои ги кажав и Ти ме чу;
научи ме на Твоите наредби.
Силите разумни и сега, невидливо
стојат со нас и пеат,
славејќи го твоето успение.
27. Вразуми ме да го разберам патот на Твоите наредби
и јас ќе размислувам за Твоите чудеса.
Од сите краишта Апостолите дојдоа
да му послужат на твоето погребение,
да го воспеат успението твое, Пречиста.
28. Душата моја засолзи од тага,
зацврсти ме со Твоите зборови.
Како што прилега на син,
Христос Бог ги испрати
Своите ангели и божествени Апостоли
на погребението на Мајката.
29. Отстрани го од мене патот на неправдата
и помилуј ме со законот Твој.
Светите души на сите праотци,
пророци и праведници се симнаа,
принесувајќи песна погребна.
30. Го избрав патот на вистината, и не ги
заборавив Твоите судови.
Заедно те слават, небесните и земните
Тебе, Богородице Чиста,
Која и сега, по смртта живееш.
31. Се приврзав за сведоштвата Твои,
Господиː не посрамувај ме.
И по смртта живееш, животворен Извору,
зашто од живот кон Животот премина,
како родителка на вечниот Живот.
32. Ќе побрзам по патот на Твоите заповеди
кога ќе го рашириш моето срце.
Иако сега умираш, според нашето подобие,
но се јавуваш како Царица на сите;
како онаа која Го зачна Творецот на сѐ.
33. Покажи ми го, Господи, патот на
Твоите наредби и ќе се придржувам за
нив до крај.
Иако во мал гроб ти си сокриена,
самото небо за тебе се отвори
и на престол тебе Бог те прими.
34. Вразуми ме и ќе се држам за законот
Твој и ќе го чувам од сето свое срце.
Бог, Кој се раѓа од прегратките на Отецот,
и во твоите прегратки, Непорочна, се роди,
те прима во прегратките, Пречиста.
35. Постави ме на патеката на Твоите
заповеди зашто многу ја засакав.
Бог се погреба – и Божјата Мајка;
Бог во темниците на гробот слезе,
исто така и Божјата Мајка.
36. Приклони го срцето мое кон Твоите
сведоштва, а не кон лакомства.
Не си Го оставила и на крстот Синот твој,
затоа и Тој, Дево не те остави,
стоејќи телесно сега пред тебе.
37. Сврти ги очите мои за да не гледам
суетаː оживи ме на Својот пат.
Гробот на Синот го прославуваш мајчински;
и Тој, Дево, твоето успение
го прославува божествено.
38. Во слугата Свој внеси збор Свој за да
се бои од Тебе.
Тебе те прославија сите ангели Божји,
кога повисоко од небесата се искачи
и, откако паднаа, чесно се поклонија.
39. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам,
зашто Твоите судови се благи.
Кога кај престолот на Севишниот дојде,
откако падна, смирено се поклони
и застана, Бога гледајќи Го.
40. Ете, ги засакав Твоите заповедиː
Оживи ме според Својата правда.
О, радост неискажлива! О, чест неизмерна!
Мариам со Исуса, Синот свој,
царува на небесата и на земјата.
41. И нека милоста Твоја, Господи,
пријде на мене, и спасение од Тебе
според Твоите зборови.
Дево Богородице,
ти што замина од земјата,
не оставај ги тие што се на земјата,
што на успението се поклонуваат.
42. И јас ќе им одговорам на оние што
ме навредуваат зашто се надевам на
Твоите зборови.
Од небото, Мајко, каде сега живееш,
кога ќе погледнеш на Земјата,
милосрдно помилуј го светот, Предобра.
43. Не одземај го сосема од устата моја
словото на вистината зашто јас се
надевам на твоите судови.
Кога апостолите, Богородице Чиста,
го видоа пречистото твое тело,
паднаа и чесно се поклонија.
44. И ќе го чувам Твојот закон засекогаш
и во веки веков.
Кога хорот состави заупокоени псалми,
пеења и песни, ти пееја, Пречиста,
на твојата слава – чудејќи се.
45. Ќе одам слободно зашто ги барамТвоите заповеди.
Пречиста, Дево, таму озарени
од твојот богоподобен сјај, се радуваа,
мислеа дека Синот твој Го гледаат.
46. И ќе зборувам за сведоштвата Твои
пред царевите и нема да се посрамам.
Со кои раце сега да го допреме
твоето животворно тело, Сенепорочна,
Хранителко на Словото, Пречиста?
47. И ќе се поучувам на Твоите заповеди
што многу ги засакав.
Кои слова, Дево, да ти ги изречеме?
Кои песни, Превоспеана Владичице,
да му ги принесеме на твоето успение?
48. И ќе ги протегам рацете свои кон
Твоите заповеди што ги возљубив, и ќе
размислувам за Твоите наредби.
Мариам Дево, на Бога пријатно име
како умре ти, што ја обожи
смртната наша природа?
49. Внуши слово кон Твојот слуга со кое
си му дал надеж.
Како си без дишење,
ти која Го роди неискажливо
Оној Кој на сѐ му дава дишење?
О, Дево, ново исполнение!
50. Таа ме утешува во неволјата моја,
оти Твоето слово ме оживува.
Ти која ги надмина природните закони,
како пак, сега им се покоруваш,
и смртта како и ние, ја примаш?
51. Горделивите го престапија законот
многу, но јас не се отстранив
од Твоите закони.
Со твоето рождество, Дево, нѐ ослободи
од страшниот удар на смртта,
зашто сега отстапуваш ти пред него?
52. Се сетив на Твоите вечни судови,
Господи, и се утешував.
Како Богоневесто, Огненосна капино,
те опфатија клештите на смртта,
тебе, која Го носеше огнот Божествен.
53. Тага ме обзема од грешниците што го
напуштаат Твојот закон.
Почина, Дево, не умре сега,
во подобар и бесмртен живот
се разбуди и пак во тело.
54. Наредбите Твои ми беа песна кога
патувам во некое место.
Ковчегот божествен
на заветот Божји,
од прекрасната скинија,
во домот Божји се вселува.
55. Ноќе го споменувам името Твое,
Господи, и го почитувам Твојот закон.
Златната стомна, која чува манна небесна,
Богоотроковицата Мариам
од земјата се пресели кај Бога.
56. Он стана мој зашто ги почитувам
Твоите заповеди.
Крилото на Оној, Кој е Бог и Слово,
на крило небесно се искачува
неискажливо Чистата Богоневеста.
57. Ти си мој дел Господи – си реков – ќе
го почитувам Твојот закон.
Скапоцениот бисер евангелски
во тајните Божји ризници
сега се сокрива.
58. Му се помолив на лицето Твое од сѐ
срцеː помилуј ме, според Твоето слово.
Твоето кон Бога преселување
е украсниот лик на самата тајна
од провидението на воплотениот Бог.
59. Размислувам за Твоите патишта и ги
свртувам нозете мои кон
Твоите сведоштва.
Гледајќи те, Дево, како Мајка Божја,
мислевме дека Го гледаме Бога секогаш.
А сега, како да ја истрпиме разделбата?
60. Се подготвив и не се збунив да ги
зачувам Твоите заповеди.
Тебе, која Го стекна Духот Божји,
Кој во тебе се всели, Богоневесто,
гледајќи те безживотна, духот наш умира.
61. Замки од грешници ме опкружија, но
јас не го заборавив Твојот закон.
Богородице Дево, радост наша;
Богородице, проповедание наше;
Богородице, каде заминуваш од нас?
62. На полноќ станував да Те величам
поради Твоите праведни судови.
Каде заминуваш, каде се преселуваш?
Дево, над небесата си одлетала,
оставајќи ги пилињата на земјата.
63. Јас сум меѓу оние што се бојат од
Тебе и кои ги почитуваат
Твоите наредби.
Давиде богоотче, биди со нас сега,
во исходот на Мајката на нашиот Бог
и во свечениот ден на празникот.
64. Со Твојата милост, Господи, земјата е
полна; научи ме на Твоите наредби.
Извикни и сега кон ангелите Божјиː
– Врати отворете се, да ја примите
богоподобно Мајката Божја.
65. Добрини си му направил, Господи,
на Твојот слуга според Твоето слово.
Украсен со добрина, Царот Небесен,
ја посака сега добрината на Мајката
и ја повика на небесата.
66. Научи ме на добро и на разумно
зашто верувам во Твоите наредби.
Иако како смртна примаш погребение,
но како Мајка Божја, воскреснуваш
со Духот Божји, Создателен.
67. Пред моето страдање, јас прегрешив,
а сега го почитувам Твојот збор.
Телото богопримено,
иако во гроб се вселува,
не навикна в гроб да престојува,
но воскреснува со силата божествена.
68. Ти си добар, Господи, и поради
добрината Твоја научи ме на
Твоите наредби.
Скало небесна, твоето погребение,
тебе скала ти беше кон Бога,
се искачи, на самиот врв.
69. Се зголеми неправдата од горгите
врз мене, но јас од сѐ срце ќе ги
почитувам Твоите заповеди.
Светлоносниот светилник
на незалезната Светлина,
во земјата за малку се сокрива,
но славно се поставува на височина.
70. Се засири срцето мое како млеко; но
јас се утешувам со Твојот закон.
Откако земјата од Бога беше проколната,
се освети со погребението на нашиот Бог
и сега повторно со твоето погребение,
Мајко.
71. Добро ми е што ме смири за да се научам
на Твоите наредби.
Од небото некогаш
бедно падна бесплотниот,
а сега над небесата чудно се искачи
телоносната Дева Мариам.
72. Законот на Твојата уста за мене е подобар
отколку илјадници злато и сребро.
Ти која се пресели од земјата , Чиста,
твоето величие и слава
влегоа пред лицето на Господа на славата.
Слава на Отецот, и Синот,
и Светиот Дух.
Тебе, Бог на сите Слово Божјо,
Те воспеваме со Отецот и Духот Свет,
и го славиме Твојот Божествен зрак.
И сега, и секогаш, и во вечни векови.
Амин!
Сите родови, Те величаме, Богородице,
Приснодево Владичице,
и го славиме Твоето успение.
И повторно, првиот хор,
првиот стихː
Животот во гробот си го положил, Христе,
и Мајката на Животот се полага;
глетка чудна за ангелите и за луѓето.
Потоа, мала ектенија и возгласː
Зашто се благослови името Твое
и се прослави царството Твое,
на Отецот, и Синот, и Светиот Дух,
сега и секогаш,
и во вечни векови.
Амин!
И, откако јерејот ќе покади
левиот хорја започнува
втората статија.
Изворː СТАТИИ НА УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА, Бигорски манастир – св. Јован Крстител, 2010