Доблеста не е ништо друго освен исполнување на волјата Божја.

Секое добро дело што се извршува по заповед Божја се нарекува доблест. Преку верата доаѓа благодатта Божја пред секоја друга доблест, како темел на сите доблести, a co благодатта Божја доаѓа, и останува, и дејствува секоја доблест.

Доблеста која што се извршува без благодат Божја пред Бога, бива пониска од секое зло, зашто таквата доблест е демонска…

Добрите дела кои се без благодатта на Светиот Дух, Бог не ги смета за ништо. Зашто доброто не е добро кога не се случува на добар начин, а невозможно е да се изврши доброто на добар начин без благодатта Христова.

Боговдахновената благовест на светиот апостол Павле:

„Ние го имаме Христовиот ум” нашла свое вдахновено објаснување во зборовите на светиот Симеон Богослов кои тој ги упатува кон Господа Христа:

Господи, кој, кога ќе те види Тебе, и се почувствува озарен co Твојата слава и Божествената светлина Твоја, не се изменил co умот, душата и срцето, и не се удостоил на друг начин да гледа и слуша?

Зашто умот, нурнувајќи се во Твојата светлост, се просветлува и станува светлина, слично на славата Твоја, и се нарекува co Твојот ум.

Кој се удостоил да стане таков, се удостојува да го има и умот твој и да стане неразделен co Тебе. Како тогаш тој да не гледа и слуша бестрасно – како Ти?

Откако тој ќе стане Бог по благодат, како воопшто ќе посака нешто материјално, нешто минливо и гнилежно, или нешто што и’ припаѓа на празната слава?

Оној, кој се издигнал над сѐ видливо и се приближил до Бога, односно самиот станал бог по благодат, како би можел да посака да бара слава или раскош од овоземното?

Та за него сето тоа навистина е срам, навреда, понижување и бесчестие. За него слава, радост и богатство е Бога Троица и сѐ што е Божјо и од Бога.

Оној што ја соединил својата волја co Божествениот Дух, станал боголик; откако го примил Христа во срцето, тој станал христијанин од Христа, имајќи Го во себе вообличениот Христос, Кој е потполно недостижен и навистина непристапен за тварите воопшто.

Ние сме делови Христови, a Христос деловите наши. И раката моја и ногата моја – Христос. И раката Христова и ногата Христова – јас бедниот. Кога ја покренувам раката го покренувам Христос, зашто раката моја всушност е Он. Божеството е неделиво.

Ја покренувам ногата, и гледај, таа блеска како Он. Немој да кажеш дека богохулам, туку признај го тоа и обожавај го Христос кој те направил таков.

Зашто и ти, ако посакаш, ќе станеш дел Христов. Ha тој начин, сите делови на секој од нас посебно стануваат делови Христови и Христос – деловите наши; и сите грди делови Он ќе ги направи убави, ќе ги украси co убавината и славата на своето божество и истовремено co тоа ние ќе станеме богови – et fiemus simul dii, секогаш соединети co Бога, не забележувајќи никаква дамка по телото наше, туку сите уподобувајќи се во сѐ на телото – Христос, а секој од нас како дел негов, навистина целиот е Христос.

Пренесено од книгата “Житија на светиите – Март” 12 март – Житие на нашиот преподобен и богоносен отец Симеон Нов Богослов

Подготви М. Даниловска

Претходна статијаПРАВЕДНИОТ СУДИЈА- СВ. НИФОНТ
Следна статијаКАКО ДА СЕ ОДНЕСУВАМЕ ПРЕД, ЗА ВРЕМЕ И ПО ПРИЧЕСТУВАЊЕТО?