- (Икона на Богородица од 14 век)
- ИДНИОТ СУД – СВ. НИФОНТ
„…По сите нив, пред Господа биле донесени оние што се покајале за своите гревови, но немале доследен духовен живот, со молитва, пост и останатото што нашата Црква го одредува.
Тие се оддалечиле од лукавите дела, но не правеле добра со ревност и точност.
– И тоа што го избегнавте пеколот ви е многу – им рекол Женикот и им дал само по една гранка, како знак дека не се казнети, за да не бидат фрлени во огнот, туку да бидат сместени на место несветло – ни светло ни мрачно.
По нив дошле на ред други, кои правеле многу добри дела и неброени милосрдија, но бидејќи паѓале или во осудување и озборување на своите ближни или во плотски гревови, биле сместени во долната темнина, каде што има магла и влага и каде што одвај допира по некој слаб зрак светлина.
По нив влегле мноштво идолопоклоници кои не го познавале законот Христов, туку ги водела совеста, та се држеле до него несвесно.
Тоа биле оние што покажале дека законот е напишан во нивните срца, бидејќи совеста им сведочи. Многу од нив светеле како сонце од невиност и чистота.
Тие се удостоиле да го наследат Царството Небесно и да се насладат со Бога, та биле овенчани со чудесни венци, исплетени со ружи и лилјани.
Само едно нешто тешко го поднеле – бидејќи некрстени, биле слепи, а светото кршение е светлина и око на душата и кој го нема, колку добра и да прави, наследува рај и го чувствува донекаде неговото благоухание и сладост, но не гледа ништо.
Идолопоклониците ги следела друга чета светии. Тоа биле христијански деца кои од животот заминале предвреме. Сите изгледале како да имаат по триесет години.
Женикот сострадално ги погледнал и рекол:
– Облеката на вашето крштение е беспрекорна, но нема дела! Што да правам со вас?
На тоа тие храбро рекле:
– Господи, Ти не` лиши од земните Свои блага. Не не` лишувај и од небесните.
Женикот се насмевнал и им дарувал вечни блага, им дал венец на вера, чистота, незлобливост и блаженство.
Со многу восхитување небесните војски ги гледале, а овие со радост ги носеле своите нетрулежни венци.
Било чудесно да се слушаат ангелите кои набљудувајќи ги собраните чети на светиите, пееле прерадосни песни, полни со веселба, слава и божествена сладост.
Кога сите тие влегле во дворецот и биле овенчани, видел праведниот Судија како кон Дворецот се приближува и богосветлата Невеста.
Сета била блескава и страшна и истовремено возвишена.
Штом ја виделе, светите ангели рипнале од радост и блаженство. Од нејзините нозе, како што одела, блескале зраци како молњи. Очите светкале.
Додека поминувала, се ширело небесно благоухание, како од божествените мириси.
Била облечена во царска облека, однадвор во силно црвен порфир, а под него фустан од бел лен.
На својата прекрасна глава носела божествена дијадема на која немало рамна по сјајот и убавината.
Ангелите восхитени, а светителите заслепени ги гледале божествените зраци како се растураат околу небесната дијадема.
Додека Невестата влегувала во дворецот, зад неа се појавило небројно мноштво девственички кои ја следеле пеејќи и славословувајќи го Божјото величество.
Кога дошла до Женикот, таа Му се поклонила трипати заедно со сите оние свети девици.
А Тој, радосно смеејќи се, ја приклонил главата и укажал почест како на Своја Пречиста Мајка.
Тогаш таа воздржано прекрстувајќи ги рацете, се приближила со многу благоверие и милост, ги целивала бесмртните и недремливи Негови очи, како и милостивите Негови раце.
По тој божествен целив, Господ им дарувал на девиците блескави облеки и чисти венци. Потоа дошле духовните сили и хоровите на светиите и сите радосно се поклониле на Богомајката и запеале химна со раце подигнати во свештено восхитување.
Потоа Женикот станал од Својот престол и додека оддесно Му била пренепорочната Мајка Негова, а одлево големиот и чудесен пророк и Претеча, поминал преку дворецот во божествената одаја, каде што се наоѓале нечуените и неискажливи добра, подготвени за оние кои Го возљубија Бога.
Со Него во таа светла и чудесна одаја влегле и сите светии кои, кога ги виделе тие добра, ги опфатила неискажлива радост и веселба. Тогаш почнале како во бунило од небесната радост, да играат, да пеат и да слават… “