Дома Свети Отци ГНЕВ! Молитвата на злопамтливиот Бог нема да ја услиши

ГНЕВ! Молитвата на злопамтливиот Бог нема да ја услиши

0
1017

ГНЕВ

Третиот чир на нашата душа е гневот.

Ние се гневиме кога не ни се исполнуваат нашите желби. Заради тоа, за човек да го победи гневот треба да се труди да стане бестрасен, да не го предава своето срце на земското и световното.

Гневот се дели на неколку видови. Како прво – јарост. Јар – значи огнен.
Тоа е незадржлив гнев, кој човекот го обзема толку, што тој се однесува како безумен.

Друг вид на гневот е злопамтењето, кога човек долго не ги заборава навредите; и ова е најстрашниот и најопасниот вид на гнев, при којшто човечкото срце како да се претвора во легло змии кои се скриле во мракот.

Молитвата на злопамтливиот Бог нема да ја услиши.

Други облици на гнев се омраза, навредливост, одвишна подозривост на човекот, кога тој во сè гледа нечии сплетки против себе, во секој збор – осуда, алузии и потсмев; кога, како што рекол еден богослов, човекот личи на бомба наполнета со нечистотија и доволно е човек  невнимателно да помине покрај неа, па бомбата да експлодира и сите да ги обземе страшна смрдеа.

Како да се бориме со гневот?

Преп. Јован Лествичник учи:

„Како прво, кога во нашето срце врие гнев, не треба да се стапува во никакви разговори и расправи; треба прво да се задуши, смири гневот во своето срце; а дотогаш победа е – молчењето.“

Потоа, Јован Лествичник советува да се сетиме на доблестите на човекот на кого што се гневиме, зашто во моментот на гневот ни изгледа дека овој човек е средиште на сите зла и пороци.

Сети се на неговите доброчинства кон тебе, сети се на сите негови добри дела и истовремено сети се на своите гревови и тогаш твојот гнев ќе стивне.

Потоа, Светите Отци советуваат, човек, пред било што да каже, во мислите да изговори молитва.

Ако не можеш да молчиш, туку мораш да одговориш, ти прво изговори ја во своето срце триесет и три пати Исусовата молитва и дури после тоа одговори.

Значи, победата над гневот е, пред сè, победа над својот јазик. Потоа следи втората етапа, кога веќе се бориме со нашите гневни мисли.

АРХИМАНДРИТ РАФАИЛ КАРЕЛИН

СО ХРИСТОС КОН ВИСОЧИНИТЕ НА ОБОЖЕНИЕТО

Преведе: М. Даниловска