СПАСЕНИЕ НА ДУШАТА

Кога многу народ се беше собрал околу Господа нашиот Исус Христос, го рече Господ овој збор:

Што му користи на човекот ако сиот свет го задобие, а душата своја ја загуби?

И уште ова го рече:

Што може човекот да даде за откуп на својата душа?

Тоа значи дека душата човечка има поголема цена од целиот видлив свет. А кога човекот душата ќе ја загуби, тогаш со што ќе може да ја плати, со што може повторно да ја купи?

Со ништо на светот. Ниту целиот свет да го даде , не ќе може душата изгубена да ја купи.

Блажен е оној, кој ова го знае и кој ја чува душата своја како најголемо богатство свое.

Блажен е оној, кој што секој ден стражари над душата своја и не дозволува ни малку душата да му се оштети.

Зашто, кој душата ќе ја спаси, ќе спаси се`; а кој душата ќе ја зазгуби, ќе загуби се`.

Во еден мал град живеел голем богаташ. Живеел во мала, разурната куќа. Не сакал да прави нова куќа, туку богатството свое го штедел и го чувал.

Но, се случило една вечер и неговата куќа се запалила и изгорела. А тој, скокнал од постелата, па така, необлечен, брзо го побарал своето сочувано богатство и избегал од куќата.

Куќата негова сета во пепел се претворила, а тој нималку не зажалил за неа. Со своето богатство се преселил во голем град, и во тој голем град направил прекрасен дворец и таму проодлжил да живее весело и безгрижно.

Што означува оваа приказна?

Малото гратче го означува овој свет, во кој што луѓето како гости живеат кратко време.

Малата и трошна куќа го означува телото човечко, домот на душата човечка. Богаташот го означува разумниот христијанин, кој ги чул и ги разбрал и во срцето ги вметнал овие Христови зборови:

Што ќе му помогне на човекот, ако и цел свет го задобие, а душата своја ја изгуби?

Големото богатство на богаташот ја означува богатата душа на разумниот христијанин, кој што целиот век се труди и според законот Христов живее за да ги наполни во душата сите оние добродетели кои сјаат повеќе од златото и среброто и скапоцените камења.

Тоа духовно злато и сребро, тоа големо богатство духовно се: верата и надежта во Бога и љубовта спрема Бога, молитвеноста и милоста и добрината и мирот и братољубието и кротоста и чистотата.

Што означува пожарот на куќата?

Изненадниот пожар во ноќта ја означува изненадната смрт телесна, за која ниту еден смртник не го знае денот ни часот.

Будењето на богаташто од сонот за време на пожарот и преселбата во големиот град го означува ослободувањето на душата од телото во часот на смртта и преселбата во другиот свет.

Големиот град, го означува вечното царство Христово, во кое што живеат само ангелите и праведниците.

Прекрасниот дворец во големиот град, го означува обвиталиштето на секоја праведна душа во оној свет, во царството вечно и бесмртно.

Оваа приказна е јасна и поуката е прекрасна.

Кој има уши да чуе, нека чуе.

Никој нека не се надева во овој минлив век, кој брзо поминува како облак што ветерот го гони од Пелистер до Облаково.

Никој нека не се гордее со телото свое, зашто, секое тело човеково е трошна куќа, која што смртта денес – утре ја претвора во пепел.

Но, секој христијанин и христијанка, непрестајно нека мисли за душата своја, за тоа единствено богатство, кое може да се спаси од смрт и пропаст.

А оној за душата своја што мисли, тој ги слуша зборовите Христови и ги извршува заповедите Негови.

Нему, благиот Христос му помага, непрестајно му помага. И бдее над него како мајка над детето во колевка.

И го храни и го пои со Духот Свој Свет дење и ноќе.

И му дава Ангел чувар за да го чува на сите патишта од животот и во часот од смртта да му ја земе душата и да му ја однесе во Царството Небесно.

На нашиот Бог слава и фала. Амин

(Владика Николај)

Превод Мина Даниловска

Претходна статијаБРАК – Кoј сo нeчистoтија гo валка бракoт, тoј Му хули на Бoжјиoт Дух!
Следна статијаДали постојат уроци- на ваши прашања одговара нашиот свештеник