„Бог е оган, и на тој оган може да му се приближи само со огромно смирение. Затоа, бидете внимателни со тој оган.

За нас, состојбата што му била дадена на Силуан е сѐ уште далеку од стварноста. Од страдањето што Силуан го преживеал, се родила состојбата во која го живеел животот на целиот Адам.

И тоа не било човечко философска, туку духовна состојба. Како можеме да го држиме умот во адот, слично на состојбата во која што бил Силуан?

Тоа можеме да го познаеме во границите на нашиот опит, кога нѐ напаѓа унинието.

Отците востановиле нешто како општо правило кога станува збор за унинието – самоосудување: за сѐ да се осудуваме себеси.

Тоа е состојба што е пониска од онаа за која читаме во житието на Силуан. Но тоа е царскиот пат што ни го оставиле Отците. Значи, кога се случува нешто лошо, човек кажува:

„Јас сум виновен – кога би немал лоши мисли и кога би бил исполнет со љубовта Христова, тоа не би се случило“.

И човек тагува, жали за себе, и така постепено расте во љубовта кон Бог. Но љубовта на таа висина, за која читаме во житието на Силуан – тоа е ретка појава во црковната историја.

Еве, ние зборуваме за послушанието – едноставно, мало дело; а тој го доживува послушанието на совршено поинаков начин.

И замислете, кога во животот се сретнува со гревот во луѓето, тој од молитвата за нив преминува на целиот Адам, и со солзи се моли да се исцели и да се спаси целиот Адам.

Философски можеме само донекаде да го поврземе тој премин, но како духовна состојба, тоа се доживува со опитот за кој пишува самиот Силуан, кога за оние што не Го имаат познаено Бог ридал повеќе отколку за самиот себе.

Со умот лесно можеме да погодиме за што станува збор, но да се пребива во таа состојба речиси половина век – тоа е неверојатна појава.

И таа состојба го приближува човекот кон Христос, Кој се искачил на Голгота не за одреден народ, да речеме, за Евреите или Грците, туку за целиот Адам.

И токму таа состојба е својствена за Христос како Бог. Во таа состојба човек почнува да разбира што значи да се биде личност. Ако Бог се открил како личност, тогаш во тој опит можеме да ја сфатиме личноста.

Се разбира, имам предвид личност како идеален образ и подобие Божјо. Не е доволно да се зборува за личноста со човечки термини. Кога човек станува личност по образот на овоплотениот Логос на Отецот, тоа е веќе обожение.

Значи, гледате, ние толку често зборуваме за личност.

Почеток на опитот на личноста е молитвата за целиот свет со длабок плач, молитва што може да се нарече гетсиманска молитва.

Тогаш човек разбира што е тоа личност.

Така, гледате, од телесен облик, од грст земја, ние гледаме човечки дух кој во љубовта ја опфаќа сета твар и кој во себе Го носи Бог.

Еве ја состојбата на идниот век!…“

Претходна статијаНедела на слепиот! (А тој рече: „Верувам, Господи!” И Му се поклони…)
Следна статијаТелесното мудрување е невидлива смрт за душата (поука – Свети Игнатиј Брјанчанинов)