Еден ден (се затекнав и јас таму, со уште двајца или тројца луѓе) го посети во неговата ќелија еден друг брат, сакајќи да слушне полезен збор. По вообичаеното целивање, посетителот седна и го запраша преподобниот:

– Те молам, оче, кажи ми каква е наградата за оние што го делат своето богатство како милостина на сиромашните?

– Зар не си слушнал што вели Евангелието? – го запраша светителот.

– Многу сум слушнал и прочитал. Но ете, сакам да слушнам нешто и од твоите усни.

– Бог на небото и земјата ќе ти даде одговор преку моите усни, по твојата вера, бидејќи јас сум слаб и недостоен. Внимавај…

Малку застана, па продолжи:

– Во времето на епископот ерусалимски Киријак живеел еден многу благочестив и милостив човек, по име Созонт. Еднаш, додека Созонт поминувал покрај градската улица, здогледал некој од сиромасите кој бил речиси гол и треперел од студ.

Го заболела душата за него, па ја соблекол својата наметка и го облекол сиромавиот. Кога се вратил дома, веќе се стемнило и тој легнал да спие.

Штом го опфатил сон, видел дека се наоѓа во некоја чудесна градина исполнета со светлина. Градината била полна со прекрасно мирисливо цвеќе, ружи, лилјани и многу друго цвеќе, како и секакви дрвја чии гранки отежнале толку многу од чудесните плодови, што се свиткале до зем јата.

Покрај нив безбројни птици пееле со небесна сладост, непрестајно соединувајќи ги своите слаткословни песни со благото шушкање на лисјата. Таа градина навистина не се опишувала. И додека Созонт избезумен ја набљудувал таа глетка, пред него се појавило некое непознато момче и му рекло: „Ајде со мене.”

Тој тргнал по него и набргу стигнале до една, од злато искована ограда. Созонт фрлил поглед зад неа и видел двор и прекрасна палата. Додека и’ се восхитувал и со интересирање ја разгледувал, од неа почнале да излегуваат шеснаесет крилести мажи кои светеле како сонцето и биле одвоени во четири четворки.

Секоја четворка носела на рамената по еден златен ковчег. Тие оделе со бодар чекор кон местото каде што стоел Созонт. Штом се приближиле до златната ограда наспроти него, застанале, ги симнале ковчезите од рамењата и ги спуштиле на земја.

Изгледало како да чекаат некој поголем од нив. И навистина, малку потоа видел Созонт еден прекрасен човек како излегува од палатата и се упатува кон ангелите. „Отворете ги ковчезите , им заповедал тој, „и покажете му на овој човек што чувам за него, поради наметката што ми ја даде пред малку преку оној сиромав.”

Тие веднаш отвориле еден златен ковчег и почнале од него да вадат царски наметки и облеки, некои сосема бели, некои везени, блескави и прескапоцени. Ги ставиле пред него.

– Ти се допаѓаат ли, Созонте? – го прашале.

– Не сум достоен ниту сенката нивна да ја видам! – им одговорил заслепен од сјајот. Но ангелите продолжиле да му покажуваат блескави, раскошни и со злато проткаени царски облеки, се’ додека нивниот број не достигнал преку илјада. Откако му објавил толку живописно дека за една наметка што ја дал ќе прими многу повеќе и ќе наследи вечен живот, господарот на ангелите му рекол:

– Те уверувам, Созонте, дека сите овие богатства ги подготвив за тебе, бидејќи кога ме виде гол, се смилува и ме облече. Оди сега и продолжи да го правиш истото, за и Јас да го правам истото. Кога ти даваш на некој сиромав облека, јас ти подготвувам стотина. Исполнет со радост и трепет, Созонт го запрашал:

– Господи мој, би сакал да знам дали истото тоа им го правиш на сите што се милосрдни кон сиромасите? Дали им подготвуваш многу богатства и вечен живот?

Тој му одговорил: ,,И секој што остави куќа, или брат или сестра или татко, или мајка или жена или деца или ниви заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен. Затоа немој никогаш да се каеш поради некое свое милосрдие.

И немој да го понижуваш сиромавиот на кој си му дал нешто. Бидејќи тогаш, наместо награда, ќе претрпиш двапати поголема штета и ќе ја изгубиш наградата и на идниот Суд ќе бидеш осуден. Во тој момент Созонт се разбудил восхитен од она што го видел. Скокнал од креветот и бидејќи немал повеќе никаква волја за сон, ја зел и другата своја наметка и заминал да ја подари на некој друг сиромав.

А штом се вратил назад, доцна во ноќта, легнал повторно да спие и го имал истото видение! Така утрото го разделил целиот свој имот на сиромашните, се откажал од светот и станал монах подвижник, исполнет со доблести.

Сето тоа имај го на ум, дете мое, та направи го по своја мерка и по своја сила истото – го посоветува светителот својот посетител.

– Така на небото ќе имаш ризница со стопати поголемо богатство.

Пренесено од книгата “Свети Нифонт, подвижник меѓу епископите”

Претходна статијаТреба ли да се пости утре на Богојавление бидејќи е петок? Отец Бобан ја разрешува дилемата!
Следна статијаСЕ ВИДОВ СЕБЕСИ КАКО БЕЗ ТЕЛО… (Јеромонах Серафим Роуз)