Љубовта кон Бога не се раѓа без љубовта кон луѓето! Невозможно е дасе сакаат  луѓето, а да не се сака Бог. Тоа е целосно незамисливо.

Љубовта кон Бога раѓа и љубов кон луѓето. Колку е посилна љубовта кон Бога, толку е поголема и љубовта кон луѓето. Кога се гаси љубовта кон Бога, се гаси и омразата кон гревот, се гаси и љубовта кон луѓето.

Тоа и самите го знаете. Светите Отци тоа го покажале.

Љубовта кон Бога се изразува, пред сѐ, во богопштењето, во молитвените подвизи. Bo подвигот на постот, воздржување, ноќни бденија. Во молчењето и неспособноста било кој да се осудува.

A тоа раѓа посебна љубов кон луѓето, дела на милосрдие и потребата луѓето да се поучуваат во тие дарови на љубовта, за и тие исто така да сакаат и да ја сфатат смислата на животот и спасението – љубовта кон Бога.

Тоа се труделе тие да го пренесат. Така, на пример, преп. Серафим Саровски го покажа тој најголем и најдобар образец на љубовта. Неговата љубов кон Бога и кон Мајката Божја беше неискажлива.

Затоа и неговата светост била чудесна, кристална. И сето тоа заедно му дало дар да ги сака луѓето повеќе од себе.

Тој можел да заборави на себе, да не се забележува себеси и затоа само еднаш неделно се присетувал на себе.

Тоа е својство на љубовта – потполно да заборавиш на себе. После богољубието. А ако нешто остане, „трошка”, како што често велиме, тоа е за себе.

– Отче, а зошто вака се вели: „Љуби го ближниот свој, како себеси”? По моето мислење тоа не е совршен израз.

– Господ дал многу точно одредување. Што ни е дарувано од раѓање? Пред сѐ, да се сакаме себеси. И тоа е тоа психолошко мерило: да се обидеме да ги сакаме луѓето барем како самите себе.

А монаштвото го пречкртало зборот „барем” и го заменило co „како Господа Спасителот”, а за себе – што ќе остане, „трошка”.

Можеби еднаш неделно ќе се сетиш на себе, а можеби и не.

А тие молитвени повици во ноќта, тие бденија, тој плач, тие ноќни молби на преподобните отци? Тоа не била љубов кон себе, туку љубов кон Бога.

Затоа што срцето од неизмерно горење co огнот на љубовта кон Бога, извикувало: „Помилуј ме!”, „Прости ми што Те навредив!”

Стравот да не се навреди Бог – тоа е љубов.

Зошто луѓето бегале во пустина, се затворале во затвори, биле јуродиви заради Христа? Тоа била омраза кон себе. На вештачки начин имале потреба луѓето да им се потсмеваат.

Тоа е посебен облик на љубов кон Бога и омраза кон себе, што го има дарувано само христијанството, само монаштвото.

И никаде надвор од Православието нема таква љубов!

 

Пренесено од книгата “Старец Сампсон – Поуки и беседи”

Подготви Мина Даниловска

Претходна статијаАко ти не си милостив кон луѓето – не очекувај милост од Бога (Старец Сампсон)
Следна статијаНаучи се да поднесуваш приговори и навреди! (Самоукорување!) Свети Игнатиј Брјанчанинов