Свети Ефрем Сирин

Општи поуки за подвижничкиот живот

Место лак – пружи ги рацете твои за молитва, како што е напишаноː „И мускулите мои ги прави да затегнуваат бакарен лак“ (Псал. 17, 34).

Зашто навистина лакот бакарен, тоа се рацете, пружени во молитва, која се принесува во знаење; тоа е стрелата, која е вешто исфрлена од лакот.

Ако ѝ дозволиш на твојата помисла да талка, тогаш ќе бидеш сличен на човек што држи лак и не умее да пушти стрела против својот непријател, а ја истрелува во градот.

Дали тој и таков удар го плаши непријателот? Никако.

Само кога некој се моли со знаење, кога не им дозволува на своите помисли да талкаат, кога е свесен за тоа кој е тој и пред Кого стои и со Кого разговара, тогаш неговата молитва се приближува до Бога и непријателот страда многу и бега – како што бега правот пред лицето на ветерот – гонет од Божјите ангели.

Ете, затоа страда од непријателот оној што се моли со знаење и што храбро се подвизува, запленувајќи ја својата помисла.

Моли се со знаење за тоа на Кого Му се молиш и за што Му се молиш. И ако за време на молитвата нешто или преку очите или поради некоја друга причина – го расее твојот ум, знај дека е тоа дело на непријателот, и не брзај да ја завршиш твојата молитва, туку да се осудиш себеси, па одново собери го твојот ум, па тогаш почни пак да се молиш со знаење, за да знаеш што просиш од Бога и да не говориш попусто ништо што е непотребно и да не употребуваш многу зборови.

– И тоа е дело на непријателот, кој ја устремува помислата на човекот кон она што не му е потребно, а не кон она што му е најпотребно.

Тој знае дека, ако човекот ја продолжи својата молитва, Создателот негов ќе го послуша, па макар и илјадапати да згрешил. Затоа непријателот наведува на него многу мисли, така што неговите мисли да летаат како стрели пуштени врз некој град, без одредена цел.

И се случува – рацете на човекот да бидат пружени за молитва, а јазикот да говори едно, а умот да мисли и вообразува друго. И тоа станува со подбивање на непријателот.

Затоа, брату мој, секогаш проси од Господа за она што ти е особено потребно; моли се спрема чувството на таа потреба.

Погледни ги двајцата ерихонски слепци. Тие викале кон Господаː
„Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!“ (Матеј 20, 23-33).

Тие не Му реклеː „Дај ни тоа и тоа“, зашто малку ли потреби имале тие?
Туку побарале само едно, тоа што им било најпотребно…

 

– Погледни ја Хананејката! Што вика таа кон Господа? Таа викалаː „Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми тешко се измачува од бес“ (Матеј 15, 22).

Не рекла ништо друго, освен што ја открила болката на своето срце. Па зар и сите други не ги откривале и не Му ги кажаувале болките на своето срце?

Кога болниот оди кај лекар, па зар и тој не му го покажува болниот дел на своето тело?

И ти, брату мој, покажи Му ја на Бога болеста на твојата душа. Гледај Го со твоите духовни очи, потпомогнат од твојата вера, според она што е напишано, за да Го видиш „седнат на престол висок и издигнат“ (Иса. 6, 1) и небесните војски што стојат пред Него – ангелите и архангелите, па падни пред добрината Божја, искажи ја пред Него својата просба.

Исповедај ги најнапред своите гревови, а потоа кажи ги пред Него своите маки и болки, моли Му се да биде милостив спрема тебе и да ја излие врз тебе Својата милост. И тогаш да ти речеː

„О душо, голема е твојата вера; нека ти биде според желбата твоја!“ (Матеј 15, 28).

Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том II.

Подготви Светланка Трајчева

Претходна статијаBo молитвата е значаен интензитетот!
Следна статијаТоа е она salto mortale на „стариот човек“!