+ ЗА МОЛИТВАТА И МОЛИТВЕНИОТ ЖИВОТ НА ХРИСТИЈАНИНОТ +
Навистина е пријатно во молитвата да се спомнат душите на оние што знаеш дека очите им се насочени кон Господ и во Него се зближуваат со нас.
Поврзувајќи нѐ, Бог знае кој кому му прави поголемо добро: оној што се моли или оној што бара молитва.
Молитвата нѐ приближува до Бога и ни овозможува да го видиме она што не можеме да го видиме во овој променлив свет.
Душата што постојано Го бара Господ и која Му се моли, таа Нему Му припаѓа, без оглед на тоа што нејзиниот понизок, сетилен дел, понекогаш и спротивно на нејзината волја е вознемирен поради близината и дејството на силите кои не се сродни на човекот.
Како што светата Црква премудро нѐ учи: во мир да Му се помолиме на Господа, за сите и за сѐ. Душата на оној што се моли во смирение, и ако се разгори, гори со тивок и чист пламен.
Гори, но не согорува.
Капе, но не прекапува.
Се излева, но никогаш не се испразнува.
Зар душата што усрдно се моли не е во заедница со оној за кого се моли?
Зар во тоа единство таа не ѝ дава силен поттик и сила на душата што има потреба од помош?
Најдобар начин за дружење и заедница меѓу луѓето е да се молиме едни за други.
Ако молитвата не е совршена, нејзините недостатоци според можностите треба да се поправаат, но никако да не се очајува заради нив.
Треба да се разликува активната молитва од состојбата кога некој се насладува со молитвата.