Кажувањето на селанецот ЛИХАЧЕВСКИ Е. В.

Селанецот Лихачевски Е. В., имајќи целосна вера и љубов кон отец Серафим, го кажа следното сведоштво за Старецот.

– Еднаш во 1831 год., – кажува тој, почувствував на себе симптоми на колера во толку силен степен, што едвај можев да доползам до ќелијата на отец Серафим и да го молам за помош.

Старецот ме приближи до иконата на Мајката Божја „Умиление”, ме напои со света вода и ми даде да каснам неколку честички просфора. Кога малку се смирив, тој ми рече да свртам околу манастирот и потоа да влезам во црквата. – „Таму милосрдноста Божја ќе те исцели” – рече тој. Го исполнив сето тоа и се вратив, по милоста Божја, во гостилницата сосема здрав.

– Бев, исто така, сведок, – кажува тој, на тоа како неколку мажи, со најголем напор, доведоа во тремот на пустинската ќелија на отец Серафим една бесна жена, која по цел пат се опираше и на крајот падна крај вратничката на тремот, зафрлајќи ја наназад главата, завика:

„Ќе ме изгори, ќе ме изгори!”

Тогаш отец Серафим излезе од ќелијата и насилно, не обѕирајќи се на тоа што жената не сакаше да ја отвори устата, и’ влеа неколку капки света вода.

Истиот час, и јас и сите други, видовме дека од устата излета како некој чадлив облак.

А кога Старецот, веднаш потоа, ја огради со крсниот знак и благословувајќи ја, кажа молитва над неа, на жената и’ се врати осетот и таа самата почна да се моли.

После тоа ја видов во Саровската црква сосема здрава, и ја прашав што чувствува сега? Таа ми одговори:

„Слава му на Бога! Оттогаш не ја чувствувам поранешната болест”.

Во исто време видов како отец Серафим само со еден збор го освести еден селанец, кој меѓу мноштвото народ, сакаше да влезе кај него, но секојпат како од некого да беше оттурнуван настрана.

На крајот Старецот самиот му се обрати и строго го праша: „А ти кај си навалил?”

Истиот миг на лицето на селанецот изби крупна пот и тој во најголем страв почна пред многумината присутни да се кае: „Погоди отец Серафим, навистина сум крадец, и до овој час крадев крави и овци, а сакам да влезам кај ваков светилник”.

Одев еднаш во пустината кај отец Серафим и наближувајќи кон неа, видов како со него седи една девојка на околу шеснаесет години, многу убаво облечена.

Бидејќи неопитен во духовниот живот, помислив: „Што има Старецот со неа толку да разговара? Што поуки и требаат на таква возраст?”

Само што се доближив со тие мисли кај отец Серафим, тој ништо не кажувајќи, ми ја зеде раката и, ставајќи го за час мојот прст в уста, ми рече:

„Гледаш, ни заби веќе во устата немам и за се’ сум мртов; а ти што помисли имаш?”

Му паднав пред нозе и се покајав за својата вина. Тогаш тој татковски ми прости и благословувајќи ме, рече:

„Гледај да не ти се повтори вакво нешто и смири се”.

Се договорив еднаш да поставам дигалка на манастирската кула во Саровската пустина. Кога се’ беше готово и народот долу почна да се моли, а јас со неколку работници стоев горе на кулата за да ја надгледувам работата и правилно да ја поставам дигалката на своето место, одеднаш ми дојде на мисла: зошто не замолив за молитвите и благословот на отец Серафим започнувајќи ја работата, тогаш точно ќе знаев дека работата добро ќе се заврши.

Само што помислив на тоа, со кра]но каење и жал, истиот час го видов отец Серафим како излезе на вратничката на својата ќелија и трипати ме благослови.

Се ужаснав од таквата прозорливост на Старецот.

Пренесено од книгата “Преподобен Серафим Саровски во сеќавањата на современиците”

Претходна статијаСОНОВИТЕ ВО СТАРИОТ И НОВИОТ ЗАВЕТ (Митрополит Наум)
Следна статијаOбрезание на Господ Исус Христос – (Митр. Наум)