Основата на која се раѓа семејството е љубовта на двајца луѓе, кои стануваат маж и жена; на нивната љубов и слога се гради цела семејна градба. Резултат на таквата љубов се родителската љубов, љубовта на децата кон родителите и љубовта помеѓу децата.
Љубовта е постојана подготвеност себеси да се дадеш на друг, да се грижиш за него, да го чуваш, да се радуваш заради неговите радости како за свои и да тагуваш заради неговите маки како за свои. Во семејството човек мора да ги дели туѓите радост и тага не само заради чувствата кои владеат мегу нејзините членови, туку и заради самиот заеднички живот. Во бракот и радоста и тагата стануваат заеднички. Раѓањето на детето, неговата болест, или дури смрт – сето тоа се настани кои ги зближуваат сопружниците, ]а засилуваат нивната љубов и ја прават подлабока.
Во бракот човекот ги пренесува центарот на интереси и доживувањето на светот од себе на другиот, се спасува себеси од сопствениот егоизам и егоцентризам и нурнува во животот, влегувајќи во него преку друга личност; во извесна мерка, тој почнува да гледа на светот со очи на две личности.
Љубовта што ја добиваме од сопружниците и од децата ни дава полнота на животот и не’ прави помудри и побогати. Љубовта кон својот сопружник и кон своите деца се шири, во нешто изменет облик, и на другите луѓе, па и тие, преку оние што ни се мили, ни стануваат уште помили и поразбирливи.
Кога стапува во брак, човекот треба да биде подготвен за секојдневен подвиг на љубовта – од час во час. Човекот не го сака оној што го сака него, туку оној за кого се грижи и таа грижа за другиот ја зголемува љубовта кон него. Љубовта во рамките на семејството расте благодарение на заедничката грижа.
Добар и благодатен „страв” би требало да живее во срцата на сопружниците, зашто таквиот „страв” раѓа внимание кон оној кој се однесува со љубов и ги чува брачните односи. Треба да се плашиме да направиме нешто што може да го навреди или да го разочара другиот и не треба да правиме ништо што нема да можеме да и го кажеме на својата жена, односно на мажот. Тоа е тој „страв”, кој го чува и одржува бракот.
Кон телото на жената Христијанка треба да се однесуваме со љубов и со почит, како кон Божјо создание, како кон храм во кој треба да живее Светиот Дух. „Не знаете ли вие дека сте храм Божји” пишуваше апостол Павле (1. Кор. 3,16), „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас” (1. Кор. 6, 19). Дури и ако телото „треба” или „можеби може” да стане храм Божји, и тогаш кон него треба да се однесуваме со почит.
Телото на жената, како и на мажот, треба да биде храм на Светиот Дух, но освен тоа, телото е и место каде што се создава и развива оној, кој родителите треба да го воспитуваат да биде член на нивната домашна црква, како членка на Христовата Соборна Црква.
Бременоста, пораѓањето и доењето на детето се фази од семејниот живот, во кои посебно се покажува односот на мажот кон жената: или се покажува неговата грижлива и внимателна љубов или неговиот егоистичко-страстен однос кон неа. За сето тоа време мажот, во односите со жената, треба да биде разумен и исклучително внимателен, кон неа да се однесува со љубов, зашто таа е „послабо суштество” (1. Петр. 3,7).
Бременоста, пораѓањето, доењето, воспитувањето на децата и постојаната грижа еден за друг, сето тоа се скалила на трнливата патека на училиштето на љубовта. Тоа се настани во внатрешноста на семејството, кои придонесуваат за зајакнување на молитвата и влегување на мажот во внатрешниот свет на жената.
Наместо жена, која во старото време и на Истокот била исклучително предмет за наслада и наложница, Христијанството проповеда жена која е сестра во Христа (1. Кор. 9, 5) и „сонаследница на благодатниот живот” (1. Петр. 3, 7).
Бракот е свет тогаш кога го осветува Црквата и кога тој ги опфаќа сите три страни на човековото битие: телото, душата и духот; тогаш: кога заемната љубов им помага на сопружниците духовно да созреваат и кога нивната љубов не се завршува на нив, туку се преобразува и шири на децата и на луѓето што ги опкружуваат.
Секому кој сака да стапи во брак или веќе го сторил тоа, искрено му посакувам училиште на таква љубов. Таа прави луѓето да станат почисти и душевно и духовно побогати.
Протоереј
Глеб Каледа
СЕМЕЈСТВОТО КАКО УЧИЛИШТЕ ЗА
ЉУБОВТА