Преподобен Марко Подвижник:
„Невозможно е да се спаси поинаку, освен преку ближниот“.
Слично расудуваат и учат сите Свети Отци; тоа е општо христијанско учење, учење на Црквата, учење Христово.
Обрни внимание на стекнување љубов кон ближниот, како на основа на твојот живот…
Засакај го ближниот според упатството на евангелските заповеди – никако не според страстите на твоето срце.
Љубовта која Бог ја засадил во нашата природа е повредена со падот и не може правилно да дејствува. Никако не дозволувај ì да дејствува!
Нејзиното дејствување е лишено од непорочност и му е омразено на Бог, како осквернета жртва!
Плодовите на нејзиното дејствување се погубни и убиствени за душата.
Ближниот засакај го на следниот начин:
не гневи се на него и не злопамти; не си дозволувај да му зборуваш на ближниот било какви прекорни, навредливи, исмејувачки зборови;
чувај го мирот со него колку што можеш; смирувај се пред него;
не осветувај му се ниту директно, ниту индиректно;
во сè што можеш да му попуштиш, попушти му;
откажи се од спротивставување и спорење,
отфрли ги како обележје на гордоста и на самољубието;
зборувај добро за оние што те озборуваат;
за зло плати со добро;
моли се за оние кои ти приредуваат разни страдања, навреди, искушенија и гонења (Матеј 5: 21-48).
Никако, под никаков изговор, не осудувај никого, дури не суди дали некој е добар или лош, имајќи го пред очи единствениот лош човек за кого треба да одговараш пред Бога – себе.
Кон ближните постапувај онака, како што би сакал да постапуваат кон тебе (Матеј 7: 1-12).
Од длабочината на срцето простувај им ги нивните прегрешенија против тебе, за и Отецот Небесен тебе да ти ги прости безбројните прегрешенија, твојот страшен гревовен долг, кој може засекогаш да те турне и да те затвори во адската темница (Матеј 18: 23-35). “