„Се сеќавам, имав чуено дека некогаш се случила ваква случка: Во едно пристаниште пристигнал брод полн со робови. Слушајќи за тоа, една света девојка во тоа место, многу се зарадувала, затоа што сакала да купи едно девојче и да го воспита така што тоа да не ги знае пороците на овој свет.
Таа дозна од сопственикот на бродот дека има на располагање две девојчиња, токму такви какви што таа сакала. Веднаш откупила едно од нив и го зела кај себе. Кога бродот стигнал на следното пристаниште, една развратна жена го откупила другото девојче.
И така, оваа света девојка го зеде девојчето и го воспитала во страв Божји, упатувајќи го на секое добро. А онаа жена блудница, земајќи го она кутро (девојче), направи од него ѓаволско орудие. Бидејќи, на што можела таа несреќница да го научи кутрото дете, освен на пропаст на душата?
Кажете ми сега: што можеме да речеме за нивната страшна судбина? Двете девојчиња биле мали, двете продадени, не знаејќи ни самите каде. Но, едното се нашло во Божјите раце, а другото паднала во ѓаволски канџи.
Може ли некој да претпостави дека Бог исто ќе бара и од едното и од другото?
Тоа е невозможно. Едното знаело за судот и за Царството Божјо, деноноќно се учело на Божјите слова, а другото никогаш ни видело ни чуло нешто добро. Како, значи, двете да бидат судени со еден ист суд? Може ли сега некој тоа да го објасни?
Значи, никој не може ништо да знае за Божјите судбини, затоа што единствено Он знае сé и единствено Он може да суди.
Се случува, на пример, некој да греши од простота, но има извесна добродетел која е поугодна на Бога многу повеќе отколку сиот твој живот, а ти го судиш и осудуваш, обременувајќи ја на тој начин само својата душа.
Ако му се случи и да погреши, знаеш ли колку пред тоа се борел и колку труд вложил за да го избегне гревот, и, што знаеш, можеби неговото грешно дело, пред Бога е праведно дело, зашто Бог го видел неговиот труд и неговата жалост, и го помилувал.
А ти го знаеш само неговиот грев. И додека Бог го милува, ти го осудуваш и ја губиш својата душа. Неговиот грев си го видел, но покајанието – не. Знаеш ли колку солзи пролил пред Бога заради тој грев?
И кога барем само да осудувавме… Но, ние имаме обичај и да го презираме грешникот и да ја вртиме главата од него, како од некоја гадост. Тоа е уште полошо и уште пострашно.
Но, ни на тоа не запираме, на таа своја сопствена штета, туку веднаш одиме и понатаму, и веднаш штом сретнеме некој, велиме:
Знаеш ли што направи тој и тој, и така и во неговото срце внесуваме смут и грев. И не се боиме од Оној, Кој рекол: “Тешко на оној кој ближниот свој го напојува со матна вода” (Авак. 2, 15).
Сето ова, пак, ние го правиме, затоа што немаме љубов. Кога би имале љубов, би гледале на недостатоците на ближниот со болежливост и сочувство, како што е и напишано:
„Љубовта покрива многу гревови“ (1 Петр. 4, 8); и „Љубовта не мисли зло; сé поднесува, сé покрива“ (1 Кор. 13, 5).
Авва Доротеј Палестински
Целиот текст