Коментар на денешното евангелско четиво:
“Се сеќавам дека еднаш, разочаран од однесувањето на денешните „христијани“, напишав:
Луѓе, ајде да се вратиме барем на однесувањето согласно Стариот Завет, што значи – „око за око, заб за заб“,
а не за едно око – сто очи да вадиме, и за еден заб – илјада заби да скршиме; и вечно да мразиме, без простување.
Очајно е однесувањето на денешните „христијани“.
Очајно е и однесувањето на мнозина од оние што раководат со Црквата денес.
Како повторно да го враќаме во живот Стариот Завет, со нашиот старозаветен менталитет, а само формата на Новиот Завет ја држиме.
Црковна администрација организирана да зема материјално, без да дава.
Избор на кадри без внатрешно духовно покритие за своите свештени чинови, иако со некакви дипломи.
Слепо држење до некакви правила, кои станале поважни од спасението на конкретниот човек.
Тенденција кон некакво надворешно великолепие со превидување на страдањата во општеството.
Постојано заземање страна во нечии судири, поделби, непријателства и војни – предизвикано од внатрешните поделби на човекот, како и од сигурноста во овоземното.
Луѓе слепи за духовните хоризонти, водат слепи.
Со еден збор, се случува постојано надградување на надворешниот авторитет, во отсуство на внатрешен.
Но, Апостолот Павле за дејствувањето согласно Стариот Завет вели:
„Затоа што, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и самиот станувам престапник“ (Гал. 2, 16–20).
Токму и затоа Господ Исус Христос Своите ученици, кои посакуваат да вратат со зло на зло, ги кара и им вели:
„Не знаете од каков Дух сте вие“.“
http://www.mpc.org.mk/pouka.asp