http://www.mpc.org.mk/pouka.asp
Коментар на денешното евангелско четиво:
“Зарем сакате некој да ви направи нешто лошо?
Тогаш немојте ни вие да правите никому ништо лошо.
Што има теоретски поедноставно од ова?
Секако, во практика треба да вложиме голем напор за да ги исконтролираме своите мисли, зборови и дела — посебно кога ни прават нешто лошо;
но, постепено и со помош на Божјата благодат ќе успееме.
Никој не станал одеднаш светител, преподобен, туку со континуиран и долгогодишен напор во внимание над самиот себе при исполнувањето на Божјите заповеди.
Сепак, Господ нè опоменува во ова евангелие да не се залажуваме самите себе со „љубов од интерес“:
„Ако ги милувате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата?
Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив!“.
Со ваква „љубов“ христијаните не можат квалитетно да се разликуваат од овој свет и да бидат подобни на својот Господ.
Она што нè прави вистински христијани, она што нè дели од овој свет, кој лежи во зло, и она што нè ослободува од гревот, ѓаволот и смртта е исполнувањето на заповедта Христова:
„Туку, вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро и на заем давајте – без да очекувате ништо“.
Во пракса ова значи да не одговараме на злото со зло.
Одговор на зло со зло би значел умножување на злото во нашиот живот и во светот.
А демонот токму тоа го чека: да пронајде некое зло во нас за да нè извалка и за да го стави нашиот живот под негова контрола.
Со други зборови, злото внатре во нас самите нас нѐ разорува, а не оној против кого е насочено.
Ако на злото коешто ни го прават одговориме со добро,
тогаш и себеси се заштитуваме од демонското влијание,
а и на нашиот непријател му оставаме време, можност, па дури и сила за покајание.“
http://www.mpc.org.mk/pouka.asp