Плачот на душата

            Во она време, се случи Исус да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ.

А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.

Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: „Не плачи!“ И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Мртовецот стана и седна, почна да зборува; и ѝ го предаде на мајка му. И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас. И Бог го посети Својот народ“ (Лука 7, 11–16).

            мртовец – умот

            мајка му – душата

            носилата – гревови (страсти)

            носачите – демони

            воскресение – прво просветлување

            Сакајќи да извлечам духовна корист од оваа евангелска парабола, не претендирајќи на единствено можно толкување,

ќе си замислам вака:

Мртовецот го носат носачите на носила надвор од градот – умот е мртов, умртвен од своите страсти лежи во грев, и демоните го носат во правец во кој тие сакаат, надвор од безбедноста на Царството.

            Мајката плаче. Умот нема никаква контрола над таа ситуација додека пак душата плаче над и заради таквиот ум и тагува.

Интересна состојба што би ја споредил со состојбата на умот на човек кој се наоѓа во некоја многу тешка зависност.

Само и заради овој момент ми е предизвик толкувањево. За оваа духовна состојба добро е да се размисли и да се дискутира – умот е немоќен да нè извлече од духовното беспатие на кое се наоѓаме, но нашата душа плаче пред Бог заради тоа. Изгледа дека и тогаш имаме надеж.

            Штом ја виде Господ, се сожали на неа, се приближи (повторно и повторно –  Тој нас прв нѐ возљуби, а не ние Него) и се допре до носилото – му подари на умот  простување на гревовите како исцеление од зависноста.

При тоа носачите застанаа – демоните повеќе не можат слободно да делуваат ако не се поврзани со страстите.

            Христос му рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Умот ја доби првата благодат на очистување на неговата енергија, и му се случи она прво просветлување, а со тоа доби и власт над гревот – мртовецот стана и седна на носилата.

            И почна да зборува – почеток на молитвата. Молитвата е показател дека умот е жив.

            Исус го предаде назад жив единствениот син на мајка му – душата ја добива назад една од трите сили, словесната (најважната).

            Господи Исусе Христе, обрати ми се и мене, без личен подвиг и умртвен од страстите, и само заради мојата тага по Тебе воскресни ме, та да бидам жив за Отецот мој Небесен, а мртов за гревот, во Црквата на Светиот Дух.

 Митрополит Струмички Наум

Претходна статијаСвети Симеон Нов Богослов – О, љубов божествена, каде Го држиш Христос?
Следна статија„И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата?“ (Митрополит Наум)