Св. Игнатиј Брјанчанинов –

Главен карактеристичен белег на лицемерот, првата стрела што тој ја пушта кон ближниот е соблазната, и осудувањето на ближниот кое произлегува од неа.

Соблазната во намерата на злосторникот честопати е лажна и измислена и служи како оправдан предлог за извршување на злосторството.

Соблазната кај него благовремено го приготвува злосторството и во исто време го оправдува;

соблазната пак кај оние кои се сеуште заразени со падот на Адам, и покрај тоа што тие можеби се благонамерни и се стремат кон спасението, е знак на паднатата човечка природа и е недостаток многу важен и упорит.

Овој недостаток му противдејствува на покајанието, од кое произлегува – очистувањето. Соблазната е нездрава проценка на слабостите на ближниот, при која тие слабости пораснуваат до неверојатна, неопфатна големина.

Соблазната е чедо на самољубието кое се вселило во душата. Таа е туѓа за љубовта кон ближниот и за правилната љубов кон себе. Господ го споредил овој недостаток со греда, за разлика од секој јавен грев на ближниот кој е како раска.

Не судете, рекол Господ, за да не бидете судени. Оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери…

Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си ( Мт. 7: 1-5).

Треба да се присилуваме себе си да не ги осудуваме ближните. За да го избегнеме осудувањето треба да се оградиме со страв Божји и смирение.

За да ја ослабиме и со Божја помош да ја искорениме од своето срце соблазната од ближните, треба при светлоста на Евангелието да се задлабочиме во себе, да ги набљудуваме своите слабости, своите гревовни стремежи, движења и состојби.

Кога нашиот грев ќе ги привлече кон себе нашите погледи – тогаш нема да имаме време за недостатоците на ближните, нема ниту да ги заприметиме.

Тогаш сите ближни ќе ни изгледаат прекрасни, свети; тогаш секој од нас ќе се признае себе си за најголем грешник, за единствен грешник на овој свет: тогаш наширко ќе се отвори за нас вратата и прегратките на вистинското покајание.

Великиот Пимен кажал:

“Ние и браќата наши како да сме два цртежа. Ако човекот гледа на себе, ако ги открива своите недостатоци, тогаш во братот тој ќе гледа совршенство.

Ако пак во себе гледа совршенство, тогаш кога ќе го спореди братот со себе, ќе го најде него за полош“.

Најголемите Божји угодници посебно се грижеле за да се видат себе грешници, и толку грешни, така што гревовите на ближните, дури и оние јавните и големите, им изгледале ништожни и опростителни.

Преподобниот Сисое му рекол на аввата Ор: „Поучи ме“. – „Имаш ли ти доверба во мене?“ – го прашал авва Ор. „Имам“ – одговорил Сисое. –

„Тогаш оди – рекол авва Ор – и прави го она што го правам јас“. –

„А што правиш ти, отче?“ – прашал авва Сисое.

Старецот рече:

„Јас се гледам себе си полош од сите луѓе“.


Гревот на осудување така му е противен на Бога, што Тој се одвраќа и од своите угодници кога тие ќе си позволат да го осудат ближниот:

Тој им ја одзема Својата благодат, како што се гледа тоа од многуте примери, сочувани од црковните писатели за полза и надзидување на Христијаните.

Никаква праведност не ни дава право да го осудуваме братот кој греши, на кого Господ може да му дарува вистинска праведност, на многу поголема од таа, која мислиме дека ја имаме кај себе.

Ние можеме да бидеме праведни само со правдата Божја; кога го осудуваме ближниот, токму со тоа ја отфрламе правдата Божја, ја заменуваме неа со правдата своја, или поточно со болестта – фарисејство.

Оној што го осудува ближниот, го краде она што му припаѓа на Бога: судот над Неговите созданија – го краде она што му принадлежи на Христа, Којшто ќе им суди на живите и мртвите во последниот ден.

Претходна статијаШтом срцето ќе се смири – борбата е завршена! – Свети Никодим Агиорит
Следна статијаАКО ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА НЕ СЕ РОДЕШЕ, УШТЕ ЌЕ ГО ЧЕКАВМЕ ХРИСТОС!