МОНАХОТ JOBAH

Црковниот живот во Харков го воспитувал младиот Михаил во побожноста.

Во Успенскиот храм се чувале чудотворните икони на Мајката Божја „Озирјанската“ и „Елецката“, кон кон се укажувала голема почит.

Во посебна гробница почивал праведниот чудотворец, Архиепископот Мелетиј Леонтович, кому однапред му било јавено дека ќе умре во 1841 година.

Таму бил читан Псалтирот, му служеле парастоси и се мачкале со маслото од кандилото над неговиот кивот.

Тука, во 1918 година, се случило чудо за кое многу се раскажувало и кое Владиката Јован го забележал.

Свети Мелетиј во текот на својот живот на себе го земал молитвениот подвиг на борба со сонот, минувајќи ги ноќите во неподвижно стоење со подигнати раце, без никогаш да легне во креветот.

Михаил многу го засакал тој светител и го започнал неговиот подвиг, кој подоцна се потврдил со неговата сличност со овој светител:

и Владиката Јован 40 години го спроведувал тој ист подвиг на ноќно бдеење без никогаш да легне во кревет, исто така однапред го дознал времето на својата смрт, и како и свети Мелетиј, сега почива во гробницата која се наоѓа во криптата на храмот, каде често се држат парастоси и се чита Псалтирот над неговиот кивот за сите оние кои молат за негова помош.

Таа гробница е дел од Света Русија, пренесен во современа Америка. (Така било до канонизирањето на св. Јован Шангајски, во јули 1994 година.

Сега неговите мошти почиваат во кивот во Соборниот храм во Сан Франциско).

Во Харков, младиот Михаил добро го познавал епископот
Николај Санхушко-Загорски, човек со висок духовен живот, кој подоцна се удостоил со подвигот на исповедништво.

Но набргу побожното живеење на Михаил станало впечатливо, дури и во тие млади години, така што надлежниот Архиепископ Антониј Храповицки, еден од истакнатите црковни лица на тоа време, подоцна митрополит и еден од кандидатите за патријарх, сметал дека е пожелно да се запознае со него, да го приближи момчето кон себе и да раководи со неговото духовно растење, за кое самиот Владика Јован оставил потполн запис.

 

За време на граѓанската војна, заедно со родителите, браќата и сестрите, се префрлил во Југославија, каде што се запишал на Белградскиот универзитет и го завршил Богословскиот факултет во 1925 година, заработувајќи притоа за живот како уличен продавач на весници.

Владиката Антониј, кого тој многу го сакал, исто така се нашол во Југославија, каде станал Поглавар на Задграничната Црква, и Михаил продолжил да го одржува контактот со него.

Во 1924 година, во Руската црква во Белград, самиот Митрополит го поставил за чтец, а по две години го пострижал како монах во Миљковиот манастир, и го ракоположил во чинот на ероѓакон, при што го добил името во чест на својот далечен роднина, светиот Јован Тоболски.

На празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица, младиот монах станал еромонах.

Во тие години тој предавал право во Државната Гимназија, а од 1929 година бил наставник и воспитувач во Православната богословија на Охридската епархија во Битола, таканаречената ,Богословија” на Свети Јован Богослов.

Тука за прв пат се открил неговиот чудесен начин на живот.

 

Продолжува

https://pokajanie.mk/2023/09/26/36856/ – втор дел

Пренесено од книгата „Свети Јован Шангајски, чудотворец на последните времиња (Житие, поуки и чуда), Лесново 2018

 

 

Претходна статијаНе ме лишувај од Твојата трпеза како нечист! (За светата Причест)
Следна статијаСвети Јован Шангајски – БИТОЛСКИОТ ПРАВЕДНИК (втор дел)