Вознесувајќи се co своето воскреснато тело, кое луѓето го умртвија и во земја го ставија, Тој благословуваше co рацете кои беа од шајки разранети.
О, Господи благословен, преголема е Твојата милост!
Историјата на Твојот поземен живот започна co благослов и co благослов се заврши. Објавувајќи го Твоето доаѓање во светот, архангелот Гавриил ја поздравил пресветата Богомајка co зборовите:
„Радувај се, благодатна, благословена си ти меѓу жените!”
A сега, кога се поздравуваш co оние кои Те примија, ги шириш своите пречисти раце и ги опсипуваш co благослов.
О, најблагословениот помеѓу луѓето! О, благодатен источник на благословот!
Благослови нѐ и нас, како што си ги благословил и Твоите апостоли!
„И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа:
Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото” (Дела 1,10-11).
Двајцата луѓе во бели облеки се два Божји ангели. Невидливите војски ангелски го следеа својот Господар од земјата кон небото, како што при рождеството го следеа од небото кон земјата.
Двајца од нив при вознесението на Господа се сторија видливи за очите човечки, според Божјата промисла, заради една порака на учениците.
Таа порака била неопходна за тие што се почувствувале оставени сами по вознесувањето на Спасителот.
„Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот
начин.”
Тоа е пораката на Христа преку овие два ангела. Гледате ли колкаво е човекољубието на Господ?
Дури и за време на своето вознесение на небото, кон престолот на славата на Троичниот Бог, Тој не мисли за себе, ниту пак на својата слава по понижувањата, ниту на својот одмор по толку трудови на земјата, туку мисли за своите што остануваат зад Hero на земјата.
Иако Тој лично ги советувал и ги поткрепувал, сепак Тој им испраќа свои ангели, уште повеќе да бидат поткрепени и зарадувани.
Иако им ветил дека ќе го испрати Духот Утешител, иако Тој лично им рекол „нема да ве оставам сираци, ќе дојдам пак при вас”, сепак прави нешто повеќе, нешто што не им ветил: им ги праќа небесните ангели како благовесници и слуги свои, едно да ги увери во својата моќ, а второ, преку ангелската уста, повторно да им вети дека пак ќе биде co нив.
Тој сѐ прави, сѐ, само да ги отфрли од нив стравот и тагата и да ги збогати co храброст и радост.
……. Темнината на незнаењето во душата на човекот влева страв и недоумица, а светлината на познавањето на вистината влева радост и дава сила и самодоверба.
Во страв и недоумица беа учениците кога Господ им зборуваше за својата смрт и за воскресението. Но кога го видоа воскреснат и жив, се зарадуваа.
Учениците мораа пак да бидат во страв и недоумица кога Господ им зборуваше за своето вознесение на небото и за разделбата co нив. Но кога и тоа се случило пред нивните очи, како што е проречено, тие се исполнија co голема радост.
Стравот е разбиен, сомневањето исчезна, недоумицата ја снема, а наместо сето тоа прекрасна сончева извесност, а од извесноста – сила и радост.
Сега тие сигурно знаеја дека нивниот Господ и Учител слегол од небото, бидејќи и се вознел на небото, и дека е испратен од Отецот, оти се вратил кон Отецот, и дека е семоќен на небото како што бил и на земјата, оти го следат ангелите и ја исполнуваат неговата волја.
Co тоа сигурно знаење сега била поврзана и нивната вера дека Тој повторно ќе дојде, и тоа не како било, туку во сила и слава, како што им зборувал во повеќе наврати, и како што го повторија ангелите неговото ветување.
Всушност, сега на нив ништо не им преостанувало туку во сѐ ревносно да ги извршат неговите заповеди.
Тој им заповедал да седат во Ерусалим и да ја чекаат силата одозгора. Co голема и наполно оправдана радост, а исто така co голема вера дека таа сила одозгора ќе дојде врз нив, тие се вратија во Ерусалим.
….. Да го славиме и да го благословуваме Господа, кој co своето вознесение ни го отворил умот да го видиме патот и целта на нашиот живот.
Да го славиме и да го благословуваме Отецот, кој на наша љубов спрема Синот одговара co своја љубов, и се вселува, заедно co Синот, во секој од нас, кој ги чува и исповеда заповедите Господови.
И во нашиот ум постојано да го имаме Отецот и Синот, следејќи ги и благословувајќи ги – како некогаш апостолите во градот Ерусалим, чекајќи и врз нас да слезе силата одозгора, Духот Утешител, кој уште при крштавањето слегува врз секој од нас, но којшто, поради нашите гревови, се оддалечува од нас.
Така и во нас да се возобнови целиот првобитен небесен човек. И ние, како апостолите, да се удостоиме за благослов од прославениот и вознесениот Господ наш Исус Христос, на кого нека му е вечна слава и благодарност, co Отецот и Духот Свети – на еднобитната и неразделна Троица, сега и за навек, во сите времиња и сета вечност.
Амин!
Извадок од поглавјето “Вознесение Христово – Спасовден” од книгата “Омилии”
Подготви: Мина Даниловска