ПСАЛМ 50
Покајничка молитва

1 Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја
добрина избриши ги беззаконијата мои.

2 Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев,

3 зашто престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене.

4 Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш.

5 Ете, грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми.

6 Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја.

7 Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег.

8 Дај ми да чујам радост и веселба, нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби.

9 Одврати го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија.

10 Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене.

11 Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.

12 Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и благороден дух зацврсти во мене.

13 Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта, и грешниците
кон Тебе ќе се обраќаат.

14 Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже на моето спасение, и јазикот
мој ќе пее за Твоето избавување!

15 Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја;

16 зашто, жртви не ти се мили, кога би ти принел сепаленици, Ти не би ги примил.

17 Жртвата пред Бога е срушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш.

18 Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, обнови ги
ѕидовите ерусалимски.

19 Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите
сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци.

Претходна статијаМОЛИТВА ПРОТИВ УРОЦИ !
Следна статијаМолитва за секој ден Преподобен Филарет Митрополит Московски – Чудотворец