Заговорот против Христа првосвештениците и книжниците го направиле во средата пред Пасха.

Овој настан што се случил тогаш е причина во Црквата Христова среда да биде ден определен за пост, бидејќи тогаш Господ Исус Христос бил предаден и првосвештениците и книжниците се договориле да Го фатат, лажно да Го обвинат и да Го осудат на смрт, распнувајќи Го на крст.

А во петокот бил распнат.

Непријателите сакале да го исползуваат предпразничното време, пред Пасха да Го фатат и убијат, за да можат ослободени од Него да ја прославуваат Пасха.

Господ Исус Христос, пак, Го определил времето на Своите страдања и според промислата на Светата Троица, Он бил распнат спроти Пасха, затоа што Он Самиот е вистинската Пасха.

Овде е забележано дека првосвештениците и книжниците донеле најконкретна одлука:

Исус мора да биде фатен и убиен, и тоа, што е можно побрзо.

Ним им недостасувало само погодно време тоа да го извршат.

Тие, отишле дури дотаму во гревот, така што, на нивната морална и верска содржина, не им пречело убиството на Христа и биле согласни Он да биде убиен дури и на Пасха, не сметајќи дека со тоа ќе го осквернат празникот.

Тоа не им пречело, туку биле загрижени, од практични причини, „за да не стане бунт меѓу луѓето“.

Тие се договориле „да Го фатат на измама,“ затоа што немале вистинска причина со која би Го обвиниле, осудиле и убиле.

Јудиното предавство на Христа

Јуда Го предал Господа за 30 сребреници (Матеј 26,14-16; Марко 14,10-11; Лука 22,1-6; Јован 13,2,27).

Во Евангелието е запишано вака:

„Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде. А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да Го предаде“ (Марко 14,10-11).

Што го натерало Јуда да „отиде при првосвештениците“?

Светиот евангелист Лука вели:

„Влезе сатаната во Јуда“ (Лука 22,3), се разбира по негово допуштање и според слободната волја на апостол Јуда, бидејќи сатаната нема таква сила и моќ, без наша волја да раководи со нас, туку ние, со нашата слободна волја, му допуштаме.

Светите отци истакнуваат уште една причина за желбата кај Јуда да го предаде Христа.

Имено, сè до тој момент Јуда се двоумел дали Христос ќе биде Јудејски цар на земјава или не. Јуда повеќе посакувал Исус да биде политички цар.

Зошто?

За да добие некаква важна функција во државната власт. Но, неговите планови пропаднале кога видел дека Учителот се подготвува за страдање, за смрт и тогаш веќе, конечно ја изгубил сета надеж.

Почнал да си размислува за себе и си велел дека од Христа не ќе може ништо повеќе да добие, а можел да биде само гонет, па затоа решил да искористи барем нешто, а тоа било да Го предаде Христа и за тоа да земе некоја награда во пари.

„И рече: ,Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?‘ А тие му предложија триесет сребреници“ (Матеј 26,15).

Евангелието мудро ги открива работите.

Забележуваме дека Јуда во оваа реченица не сака ни да го спомне името на Спасителот.

А, не спомнува и никаква цена, туку, едноставно, си вели дајте колку ќе дадете.

Тој, пак, бидејќи не предложил цена за Исуса, тоа веднаш го направ¬ле првосвештениците и „му предложиле триесет сребреници“.

Тоа значи дека Исус е потценет и вреднуван само колку еден најобичен роб…

Професор д-р Ратомир Гроздановски (Извадок – Велика Среда)

Претходна статијаЗА ИСПОВЕДТА – Каде за исповед?!
Следна статијаАкатист на Пресвета Богородица