ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ – СИМЕОН НОВ БОГОСЛОВ…

Секојдневниот начин на живот на овој човек со крајна чистота беше ваков:

секој ден се причестуваше со животоворното Тело и скапоцената Крв на Господа Христа, и за храна земаше зелје и семиња.

Така правеше цела седмица, а пак во недела и на празниците, откако ќе се причестеше , ручаше со останатите браќа на трпезата, со спуштен поглед и секогаш полн со умиление.

Потоа одеше во својата ќелија, ја заклучуваше вратата и стоеше на молитва, читаше малку, па кратко се одмораше легнувајќи на земјата.

Немаше ноту кревет, ниту покривка, ниту каква било друга удобност за телото; целата негова постела беше – асура, прекриена со овчја кожа.

Но, ни таа постела не ја користеше секоја вечер; зашто во недела и на празниците никој го немаше видено да спие; ноќта ја минуваше во бдеење и штом ќе изгрееше сонцето повторно стоеше на молитва, целиот во врели солзи. Тој со ништо не го заменуваше разговорот со Бога.

Исто така, постојано се трудеше ниту еден празен збор да не излезе од неговата уста , зашто знаеше дека и прекршувањето на една заповед Христова, макар навидум и најмала, претставува голема опасност за душата на оној свет.

….
По две години Христочезнивиот Симеон достигна такво духовно совршенство и благодатта на Светиот Дух толку го просвети и обогомудри, што започна да произнесува прекрасни говори во црквата.

Тогаш, неговиот духовен отец , гледајќи дека Симеон „дошол до состојба на совршен маж, до потполната возраст на Христовото совршенство“…(Еф. 4,13), мудро смисли да го ракоположи за јереј и на тој начин свеќата да ја постави на свеќникот за да им свети на сите на Црквата Христова.

Но, наскоро потоа умре игуменот на манастирот „Свети Мамант“.

Патријархот Никола Хрисоверг и браќата го избраа блажениот Симеон за игумен. Тој беше ракоположен за јереј и поставен за игумен иако упорно се противеше на тоа, сметајќи се за недостоен.

За време на неговото ракополагање, додека клечеше и архијерејот ја читаше молитвата над неговата глава, христољубивиот Симеон виде како Светиот Дух во вид на огромна светлина , проста и безоблична , слезе врз него и ја покри неговата света глава.

Таа иста светлина, во текот на неговите четириесет и осум години како свештеник, тој ја гледаше како слегува на секоја литургија, како жртва која тој Му ја принесува на Бога. За тоа, самиот говорел и пишувал, припишувајќи го тоа , од сфатлива света смерност , на некое друго лице.

Често прашуван каков треба да биде свештеникот , тој со скрушеност и солзи одговараше:

„Тешко мене браќа! Не прашувајте ме за тоа! Страшна е таа работа , страшна и да се помисли.

Јас во никој поглед не сум достоен да бидам свештеник, кога ќе помислам на страотноста на свештеничкиот призив. Но, иако без соменение сум ништовен, сепак, знам, каков треба да биде свештеникот.

Свештеникот најпрвин треба да биде чист, не само со телото, туку уште повеќе со душата. Но, тоа не е довлно: тој треба да биде без ниту една сенка на гревот – смирен по однесување, скрушен по срце.

Кога служи пред светиот престол треба со умот – да го гледа Бога, а со сетилата – предложените Дарови и во срцето свое да го има Оној, Кој без соменение е присутен во Даровите, за со самодоверба да може да ги принесува своите молитви и како пријател со пријател да разговара со Бога и Отецот и беспрекорно да говори:

Оче наш, Кој си на небесата….како оној кој што со помошта на Светиот Дух кој пребива во Него, го има вистинскиот Бог, Синот Божји по природа“.

…Кога служеше света литургија , свети Симеон блескаше целиот и неговото лице добиваше ангелски изглед и за човекот беше невозможно да гледа во него од блесокот што се лиеше од него , како што не е во состојба да се гледа ниту во сонцето.

Благодатта на Светиот Дух се разлеваше низ целото негово тело, пробразувајќи го во оган и беше речиси непристапен за човечките очи за време на светата литургија.

Неговиот ученик Симеон Ефески, за него вели:

_Еднаш кога со него служев света Литургија , се отворија очите на мојот дух , и јас го видов облечен во патријаршиски омофор и одежди , вдлабочен во тајните Божји.

А , Мелетиј кој беше замонашен од светиот Симеон, тврдеше за него:
_ Ние често гледавме како го обвиткува светол облак додека стои во олтарот , за време на светиот Принос.

….

Една ноќ , додека ги принесуваше своите молитви на Господа, светол облак застана врз неговата чесна глава и целиот го покриваше неколку часови, исполнувајќи го со топлина и неискажана радост.

Тогаш тој слушна еден таинствен глас кој го учеше на чудни и сокриени тајни. Кога исчезна таа светлина го најде своето срце во мудрост Божја , како лие од себе потоци на Благодат Божја .

Од тогаш, тој повеќе не си припаѓаше на себе , туку Благодатта Божја владееше со целото негово битие и од неговиот јазик направи брзописно перо, а од неговиот ум – извор на мудрост Божја .

Оттогаш тој учеше и зборуваше за Бога како возљубениот ученик Христов , Свети Јован Богослов и цели ноќи посветуваше на богословието.

Пишуваше поуки, некогаш толкувања на Светото Писмо , Божествени химни , писма до поедини ученици.

Притоа, тој потполно ги победи сонот, гладот, жедта и другите телесни неопходности.

Иако бдееше по цела ноќ , тој не чувствуваше ниту замор , ниту глад, ниту жед .

При ова доброволно страдање , благодарејќи на небесната благодат беше здрав, свеж и ведар како ангел.

Подготви М. Д.

Извадок од
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ – СИМЕОН НОВ БОГОСЛОВ

Од книгата ЖИТИЈА НА СВЕТИИТЕ – МАРТ (Македонска Православна Црква – Струмичка Епархија

Претходна статијаВЕЛИКА САБОТА – СИМНУВАЊЕТО ВО АДОТ!
Следна статијаВЕЛИКИ ВТОРНИК Парабола за десетте девојки – „Одете си, не ве познавам!”