Еднаш нашиот блажен авва Зосим, си спомна за еден духовен старец, кој бил поткрадуван од братот, кој живеал близу до него, па и покрај тоа што го знаел тоа, никогаш не го изобличил својот брат за она што го правел, а често си говорел:
„Можеби мојот брат е во нужда, можеби има потреба од ова што го прави.”
Затоа, уште повеќе работел и се трудел, за да има и за потребите на братот.
Ова ни го раскажуваше и се вчудоневидуваше од милосрдноста и од добрината на светиите.
– Потоа, ни го раскажа следниот случај:
„Кога живеав во Педијада, еве што ми раскажуваше еден игумен:
,Близу до нашиот манастир живееше еден духовен старец. Тој човек имаше преблага душа. Еден друг брат, кој, исто така, живееше близу до нашиот манастир, еднаш, кога богољубивиот старец бил отсутен по ѓаволско нашепнување, му ја отворил ќелијата и му ги зел сите негови предмети и книги.
Кога старецот се вратил и влегол во својата келија, откако видел дека некој му зел сѐ што имал, отишол кај истиот брат за да му го каже тоа.
Но кога влегол во неговата ќелија, ги видел сите свои работи ставени на куп во средината од ќелијата, затоа што тој сѐ уште не успеал да ги скрие.
He сакајќи да го посрами и да го изобличи својот брат, се преправил како да го заболел стомакот, излегол надвор од ќелијата и се задржал подолго време, наводно за задоволување на некоја телесна потреба, co цел да му даде на братот доволно време за да ги прибере украдените негови работи.
Откако се вратил, почнал да зборува за други нешта и не го изобличил својот брат.
По неколку дена, властите ги препознале кај него предметите на испокрадениот старец, го зеле и го ставиле в затвор.
Богољубивиот старец не знаел ништо за тоа, па кога слушнал дека неговиот брат од соседството е во затвор и, не знаејќи зошто е затворен, тој дојде при мене и ме замоли:
да бидам милостив и да му дадам неколку јајца и малку лепчиња од чисто брашно. Јас му реков:
,Можеби ти дошол некој гостин?’
Тој ми одговори потврдно, а она што го зеде од кај нас – од манастирот, го зеде за да му го однесе на братот во затворот – за да го утеши.
Но штом влегол во затворот, затворениот веднаш се поклонил доземи пред неговите нозе, велејќи:
,Авва, јас сум овде за тебе, затоа што ти ги украдов твоите работи, но твојата книга е кај тој и тој брат, а твојата облека е кај еден друг брат.’
Старецот проговорил и му рекол:
,Чедо мое, сакам да се увери твоето срце, дека не сум дојден овде заради тоа;
Јас дури и не знаев дека си затворен заради мене, но слушнав дека си овде, се нажалив и дојдов да те утешам.
Еве, ти донесов јајца и чисти лепчиња.
А сега ќе појдам и ќе се потрудам да направам сѐ што можам, за да те ослободам оттука.’
И, навистина, тој отишол кај одговорните луѓе од управата, кои го познавале добро по неговиот добродетелен живот, такашто, веднаш наредиле да биде ослободен затворениот брат’.”
31. За тој богоугоден старец уште раскажувале како еднаш отишол на пазар да си купи облека.
Ја зел облеката и за неа дал еден златник, а требало да доплати уште неколку ситни монети.
Тогаш ја зел облеката и ја ставил под себеси и почнал да ги пресметува ситните пари на едно штиче.
Тогаш му се приближил некој човек, обидувајќи се да му ја извлече облеката од под него.
Кога старецот почуствувал дека некој се обидува да му ја извлече облеката од под него, и знаел што значи тоа, па бидејќи му било жал за оној што се измачувал да го постигне тоа, почнал да се потподигнува, како да посега по монетите, така што му овозможил на непознатиот да си ја постигне својата нечесна намера.
Тој му ја зел облеката и си заминал, а старецот, иако го видел што сторил, не го изобличил.
Потоа, авва Зосим рече:
„Каква вредност имала оваа облека за старецот или работите што му ги украл неговиот брат?
Тие, сами за себе не се толку вредни, но светата расположба на неговата душа била голема.
Тој покажал дека, имајќи ги, ги имал како да нема ништо.
Кога му ги украле алиштата, тој останал спокоен, како ништо да немал и како ништо да не му украле;
не се лутел и не тажел.
Тоа е токму она за што ви говорам често:
не е штетно да имаме, туку, ако сме страсно приврзани кон она што го имаме.
Овој старец кога би го поседувал и целиот свет, тој би бил таков, како и да нема ништо. Зашто co тој чин, покажал, дека е слободен од сѐ.”
Браќа, да се потрудиме и ние – да се угледаме на примерот на светите оци, co ревност да ги извршуваме нивните зборови, така што, кога ќе се исполниме овде на земјата co добри плодови, да бидеме удостоени co вечните блага, во Исуса Христа, нашиот Господ, на Кого нека My биде слава и сила, заедно co Светиот Дух, сега, секогаш, во сите векови и во сета вечност.
Амин.
Блажен Авва Зосим (разговори) – Добротољубие том 3