СТРАШНИОТ СУД НАД БОГА
Архимандрит Јустин (Поповиќ)
Никогаш во човекот Го немало Бога помалку, драги браќа, отколку денес; никогаш Го немало помалку, отколку денес!
Денес ѓаволот се овоплотил во човекот да го “разовоплоти” Богочовекот.
Денес целото зло се вселило во телото на човекот, за да го истера Бога од таму.
Денес целиот пекол се преселил на земјата.
Дали некој се сеќава, дека земјата некогаш беше рај?
Денешното паѓање на човекот е неизмерно поголемо од (првото) некогашното (Адамовото).
Тогаш човекот отпаднал од Бога, а денес (човекот) го распнал Бога, го убил Бога.
Човеку, како ти е името, ако не ѓавол?!
Но, што зборувам јас? Тоа е навреда за ѓаволот.
Ѓаволот никогаш не бил така зол, така искусно злобен, како човекот. Господ Христос и во пеколот слегол, но таму не го распнале.
А ние Го распнавме! Зар луѓето не се по лоши од ѓаволите?
Зар земјата не е попеколна и од пеколот.
Од пеколот не го протераа Христос, а луѓето денес Го протераа од земјата, го протераа од телото, од душата, од својот град …
Во зеницата на мојата душа, браќа мои, како змија се всели една злобна помисла, и постојано ме измачува (ме прашува:) дали некогаш човекот бил добар, штом можел да го распне Христос?
Ти веруваш во човекот, се фалиш со него, оптимист си?
Ох, види го човекот, види го човештвото од зенитот на Велики петок, види како човекот го убива Богочовекот, и кажи ми:
зар и сега си сеуште оптимист?
Не се ли срамиш од тоа што си човек?
Не гледаш ли дека човекот е полош и од ѓаволот?
Заборавете ги сите денови пред, и сите денови после Велики Петок.
Разгледајте го човекот во границите на Велики Петок – не е ли тој зеница на секое зло, хиподром на сите искушенија, собиралиште на сите гадотии?
Зарем денес полудила земјата во човекот?
Зарем денес човекот убивајќи го Богочовекот, докажал дека тој е навистина лудоста на земјата?