Полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква во Цариград

Во времето на царот Лав Велики (458 г. – 471 г.), на царицата Верина и патријархот Генадиј, патуваа по Светата Земја двајцата цариградски благородници Галвиј и Кандид, заради поклонение на тамошните светости.

Во Назарет отседнаа во куќата на една вдовица Еврејка, којашто во тајна одаја ја чуваше ризата на Пресвета Богородица.

Многумина болни и неволни добиваа исцеление за своите маки со молитва и со допирот на таа риза.

Галвиј и Кандид ја зедоа Светата риза и ја пренесоа во Цариград, а тоа им го објавија на царот и на патријархот.

Во царскиот град тоа предизвика голема радост.

Ризата беше свечено пренесена и положена во црквата Влахерна. (Оваа црква ја соѕидаа царот Маркијан и царицата Пулхерија на брегот на еден залив, наречен Влахернски, според името на некој скитски војвода Влахерн, којшто на ова место беше убиен).

Овој празник е востановен во спомен на полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква.

УТРЕНА

Тропар, глас 8.

Богородице Приснодево, заштито на луѓето, ризата и појасот на твоето пречисто тело си го дарила на твојот град како моќна ограда, останувајќи нетлена и по твоето бессемено раѓање, зашто во тебе се обновува и природата и времето. Затоа те молиме да му даруваш мир на твојот град, а на душите наши милост голема.

По првото стихословие, седален, глас 3.

Кога со убавината на твоето девство си Го родила прекрасното Слово, и како дете си Го повила со твојата чиста риза, неа, Владичице, си ја подарила на твоите слуги како заштита, помош и извор на осветување. Нејзиното чесно полагање, Пресвета Дево, сите ние верно го празнуваме.

По второто стихословие седален, глас 3.

Нетлена Богоневесто, само ти си имала нетлено раѓање и девство, зашто на луѓето си им подарила спасителна облека, твојата света риза која и до денес останува нетлена. Преку неа, Пречиста, ние – твоите слуги, примаме од Бога милост голема.

Седален, глас 4.

Реките со чудеса, Богородице, кои течат од твојот сечесен ковчег како од рајот и кои им излеваат благодети на оние што те почитуваат верно, го напојуваат лицето на земјата. Затоа те воспеваме, и верно те фалиме, и со благодарност постојано викамеː Радувај се, единствена надеж на оние што те воспеваат!

Кондак, глас 4.

Твојата свештена риза, со којашто си го покривала твоето свето тело, Чиста и Богоблагодатна, на сите верни си им ја дарила како облека на нераспадливоста; со љубов го празнуваме нејзиното полагање, и со страв ти викаме: Радувај се, чиста Дево, пофалбо на христијаните.

Икос: Сите ние, кои се спасивме преку нејзиното раѓање, со вера да ја прославиме Богородица Марија како чиста облека и скинија на Божјото Слово, жив облак и стомна за манна, и да ја допреме нејзината скапоцена риза, во којашто беше држан и носен како дете Господ Кој се облече во тело, преку кое човечката природа се издигна кон највозвишениот живот и царство. Затоа, со радост викаме велегласно: Радувај се, пофалбо на христијаните.

Светилен.

Дојдете, родени на земјата, со песни почит да ѝ оддадеме на ризата на Дева Марија и Богородица, со која што Го покриваше Христа, та со нејзината благодат постојано да се прославуваме.

Слава, и сегаː

Само ти, Богомајко, си ги обновила и природата и времето, зашто е нетлено твоето раѓање, нетлена е и ризата со која го покриваш твојот град, и твојот народ го одржуваш во верата.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Поготви С. Трајчева

Претходна статијаО, каква чест за човекот! Старец Јосиф Исихаст
Следна статијаНедела шеста по Педесетница -„Стани, земи си ја постелата и оди си дома!”