“Втора недела по Педесетница: Повикување на апостолите”
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Според мерата на нашата вера, според мерата на отвореноста на нашите срца, Господ различно нè повикува.
Во длабока ноќ, од сон бил повикал Авраам;
него Господ го повикал по име, и Авраам се одзвал, и Господ му заповедал: „излези од својата земја, остави го своето сродство, остави ги твоите богови, појди таму каде што Јас ќе те поведам…“
Авраам станал и пошол, и он останал во историјата и во опитот на целото човештво како образ на безусловна, совршена вера.
Апостолите не биле така повикани.
Ние денес читавме за тоа како поминувајќи покрај нив кај Тиверијадското море, Господ ги повикал и тие станале и тргнале – но тоа не била нивната прва средба.
Претходно тие го сретнале Христос на брегот од реката Јордан.
Се сеќавате како тие го слушнале сведоштвото на светиот Крстител Јован: „ете го Јагнето Божјо, Кој ќе го земе на Себе крстот на светот, гревот на светот, тежината на светот…“
И двата негови сопствени ученици (оној кој подоцна станал Јован Богослов и Андреј Првоповиканиот) го оставиле својот учител според неговото сопствено сведоштво и пошле со Исус, поминале цел ден со Него, и потоа секој од нив го привел својот брат кон Него.
Андреј го привел Петар, Јован го привел Јаков и своите другари Филип и Натанаил; и при таа средба тие нешто увиделе – нешто толку големо што било изразено од Натанаил во неговото исповедање: „Ти си Син Божји…“
Но тука Христос не ги зема со Себе, Он ги праќа во обратен правец, дома, Сам заминува во пустина на четириесеттдневен пост и искушение, и само после некои два месеци Он повторно ги сретнува.
За тоа време, првиот восхит кој ги опфатил, да може да остине.
Првите потресни впечатоци да легнат, тие да можат да размислат, да преживеат, да дојдат на себе си, да се вратат кон најобичните работи што ги имале на земјата:
занаетот, домот, семејството, обичното окружување – и кога се зафатиле со најобичното, кога споменот за Исус Кого Го сретнале во Јудеја останал во нивните срца, а животот продолжил да тече вообичаено, Спасителот повторно поминал покрај нив, и сега веќе не предлагајќи ништо, Он им рекол: „Појдете по Мене!“ – и тие оставиле сè и пошле.
И во нашиот живот се случува во некој момент јасно да го слушнеме гласот Божји кој нè вика по име, и тогаш и ние можеме да станеме и да појдеме;
се случува, доживувајќи средба, допирајќи се до крајот од ризата Господова, да бидеме длабоко потресени, и во тој момент сме спремни на било каков на подвиг.
Но Спасителот знае дека со тој восхит не сме спремни на никаков подвиг.
Ќе помине поривот, восхитот, ние ќе се вратиме на старото и ќе оладиме.
И Господ Сам нè враќа обратно во животот, во семејството, назад кон нашите обични должности, назад кон сè што порано постоело без Него во нашата свест.
Но Он нè враќа назад со знаење дека ние сме Го сретнале Живиот Бог.
Тоа бива после молитва, после причестување, или во некој недостижен момент кога ќе нè допре животот.
И после некое време Он ќе помине покрај нас и ќе рече:
„А сега остави сè, време е да одиш по Мене…“
Спремни ли сме на тоа?
Колку пати сите ние, секој од нас и сите заедно сме се молеле, и длабоко до нас доаѓала благодатта и словото на молитвата, и се разгорувале срцата, и се стишувале страстите, и умот постанувал јасен, и волјата со силен порив посакувала само добро…
Колку пати?!
Колку пати тоа се случувало при читање на Евангелието, после причестување со Светите Дарови, откако сме направиле нешто достојно за себе и достојно за Бога, и достојно за љубовта…
И повторно заспиваме, скривнуваме.
Ги слушаме ли зборовите Божји: „А сега е време!“ – или ќе го чекаме моментот кога сè ќе ни биде земено:
од болест, од смртта која се доближува, од страшните околности на животот за да се сетиме дека освен Бог не останува ништо, на крајот од краиштата, ниеден човек околу нас?
И сега колку луѓе има околу нас – а има ли човек?
Да размислиме за тоа, не само во смисла дека ‘покрај мене може да нема никој’, туку вака да си го поставиме прашањето:
„А јас човек ли сум по однос кон оној кој е покрај мене? Го слушам ли јас Господ Кој ми вели: ‘оди по Мене, помогни, нахрани, утеши, дај чаша студена вода, утеши со збор’?“
Еве го прашањето кое стои пред нас.
Господ вели еднаш, вели и два пати, а ќе дојде време кога Он ќе престане за зборува, кога ќе застанеме пред Него, и Он ќе молчи, и ние ќе молчиме опфатени од тага:
помина времето, доцна е!
Зарем ќе му дадеме на времето да ни рече: „Доцна е!?“
Апостолот Павле ни вели:
„Ползувајтего времето, не лукавете, брзајте да правите добро, брзајте да живеете со вечноста…“