НЕДЕЛА НА СВЕТА ПЕДЕСЕТНИЦА
ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА
Обично стихословие (катизми).
На Господи, повикав, земаме 10 стиха, и пееме 3 стихири самогласни од Малата вечерна, повторувајќи ја првата. Потоа пет стихири, глас 2, повторувајќи ја првата. Глас 1:
Да ја празнуваме Педесетницата, и слегувањето на Светиот Дух, и исполнувањето на ветувањето, и остварувањето на надежта – тајната која е голема и чесна.
Затоа Ти викаме: Создателу на вселената, Господи, слава Ти. (двапати)
Со јазиците на незнабожците си ги обновил Твоите ученици, Христе, та на овие јазици да Те проповедаат Тебе – бесмртниот Бог и Слово, Кој на душите наши им дава милост голема.
Светиот Дух дава сѐ: Он е Изворот на пророштва, ги усовршува свештениците, неписмените на мудрост ги учи, рибарите ги направи богослови, го утврдува целото црковно собрание.
Едносуштен и сопрестолен на Отецот и Синот, Утешителу, слава Ти.
Глас 2: Ја видовме вистинската Светлина; Го примивме Духот небесен, ја најдовме верата вистинска, на Троица неразделна ѝ се поклонуваме, зашто Таа нè спаси нас. (двапати)
Преку пророците ни го навести патот на спасението, а преку апостолите ни засветли благодатта на Твојот Дух, наш Спасителу, зашто Ти си Бог од вечноста, Ти остануваш тоа и потоа, и Ти си нашиот Бог во вековите.
Во Твоите дворови Те воспевам Тебе, Спасителот на вселената, и, со преклонети колена, се поклонувам на Твојата непобедлива сила, навечер, и наутро, и напладне, и во секое време ќе Те благословувам Тебе, Господи!
Со песни Ја славиме Троица едносуштна: Отецот, и Синот, со Светиот Дух, зашто така проповедаа сите пророци, и апостоли со мачениците.
Слава, и сега, глас 8. Творба на господин Лав.
Дојдете луѓе, да се поклониме на Триипостасното Божество: на Синот во Отецот, со Светиот Дух;
зашто Отецот безвремено Го роди едносуштниот и сопрестолен Син; и Светиот Дух беше во Отецот, прославуван со Синот: една сила, едно суштество, едно божество.
Нему поклонувајќи Му се, сите говориме:
Свети Боже, Кој создаде сѐ преку Синот, преку содејството на Светиот Дух;
Свети Крепки, преку Кого Го познаваме Отецот, и преку Кого Светиот Дух дојде во светот; Свети Бесмртни, утешителен Духу, Кој исходиш од Отецот, и почиваш во Синот: Троице Света, слава Ти.
Вход. Светлино тивка: Прокимен на денот, и читања.
Паримии: Од книгата Броеви (4 Мојс 11,16-17,24-29); од книгата на Јоил (2,23-32) ;
од книгата на Езекил (36,24-28)
Вака вели Господ: Ќе ве земам од кај народите, ќе ве соберам од сите страни и ќе ве доведам во вашата земја.
Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очистите од сите ваши осквернувања, и од сите ваши идоли ќе ве очистам.
Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо.
Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои.
И ќе живеете во земјата, која им ја дадов на татковците ваши, и ќе бидете Мој народ и Јас ќе бидам ваш Бог.
Стиховни стихири самогласни, глас 6:
Не разбирајќи ја силата на Пресветиот Дух Кој слезе врз Твоите апостоли, Господи, размената на јазиците собраниот народ ја сметаше за пијанство. Ние, пак, утврдените со нивните зборови, непрестајно говориме вака: Твојот Свет Дух не одземај Го од нас, Ти се молиме, Човекољупче.
Стих: Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене.
Господи, слегувањето на Твојот Свет Дух, кое ги исполни апостолите, ги оспособи да говорат други јазици. Неверните тоа чудо го сметаа за пијанство, но на верните тоа им носи спасение. Ти се молиме, Човекољупче, удостој нѐ и нас за Неговата светлина.
Стих: Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.
Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сѐ исполнуваш, ризницо на добрини и Животодавче, дојди и всели се во нас, и очисти нѐ од секаква нечистотија, и спаси ги, Благи, нашите души.
Слава, и сега, глас 8:
Некогаш народите беа расеани поради дрскоста на градителите на кулата, а сега народите се исолнија со мудрост поради славното Богопознание. Таму Бог ги осуди безбожните поради нивниот грев, а овде Христос со Духот ги просветли рибарите.
Тогаш наместо казна беа измешани јазиците, а сега се обновува едногласноста за спасение на душите наши.
Тропар, глас 8:
Благословен си, Христе Боже наш, Кој рибарите ги направи премудри ловци, кога им Го испрати Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената.
Човекољупче, слава Ти. (трипати)
Подготви С. Трајчева