Преполовение: Премудроста Божја
Еден од Господовите празници е празникот Преполовение на Педесетница, којшто се празнува во Црквата на средината од периодот од празникот Воскресение Христово до празникот Педесетница, т.е. во средата пред Неделата на Самарјанката (5. недела по Велигден).
Можеби е непознат во народот, но се работи за голем Господов празник, бидејќи се однесува на Христа Владиката.
Оваа поделба и поставување на празникот Преполовение во Дванаесетте празници тргнува од гледиштето дека овој празник ни ја дава можноста да го видиме Христовото дело од Неговото крштение во реката Јордан, до Неговото преображение и до Неговото страдање.
Знаеме добро дека дека светите Евангелија го опишуваат тоа што го кажал Христос, што направил и што претрпе за спасението на човечкиот род. Токму овој празник ни ја дава можноста да ја видиме таа страна (што кажал и што направил), којашто е доволно суштинска.
Со други зборови, се покриваат сите христолошки собитија, од Христовото Крштение до Неговото Преображение.
Важноста на празникот Преполовение, кога се празнува Христос како Премудрост Божја (како што ќе видиме во анализата што следи), се гледа од тоа што катедралните храмови што го имале името Света Софија (Премудрост), не биле посветени на некоја светителка што се викала Софија, туку на Премудроста Божја, а тоа е Христос.
Нивната храмова слава била, според разни испитувања, на празникот Преполовение.
Карактеристичен пример е храмот на Премудроста Божја (Света Софија) во Константинопол, кој така се нарекува по Христа, Кој е Премудроста Божја. Храмот на Божјата Премудрост стана прототип и за други катедрални храмови.
Така гледаме дека целата Ромејска држава за центар Го имаше Логосот и Божјата Премудрост. И ако се сетиме дека сите растојанија во големата Ромејска (Византиска) Империја биле сметани од храмот на Божјата Премудрост како центар, тогаш го разбираме местото на Логосот и на Премудроста Божја во животот на Ромејската Империја.
Празникот Преполовение се совпаѓа со јудејскиот празник Сеници, што бил третиот голем празник на Јудејците, заедно со празникот Пасха и празникот Педесетница.
Бил востановен во сеќавање на престојувањето на Јудејците во пустината, кога оделе од Египетската земја кон Ветената земја.
Ако празникот Пасха бил востановен во сеќавање на преминувањето на Јудејците низ Црвеното Море, а празникот Педесетница во сеќавање на Мојсеевото искачување на гората Синај за да го прими законот Божји, тогаш празникот Сеници бил востановен за да се сеќаваат Јудејците на чудотворното запазување од страна на Бога за сето време на нивното одење кон Ветената земја.
Бил наречен Сеници поради начинот на празнување. Јудејците поставувале сеници (шатори) на плоштадите, во дворовите и во собите (терасите) на своите домови и престојувале таму за време на празникот, кој траел седум дена.
Очигледно и името и начинот на празнување се должел на тоа што ги препознавале покровот и заштитата Божја со светлиот облак за време на нивното одење во пустината.
Ако се сетиме дека сите јавувања Божји во Стариот завет беа јавувања на невоплотениот Логос и дека светлиот облак беше Христос, тогаш разбираме дека јудејскиот празник Сеници се однесувал на Христа.
Јудејскиот празник Сеници бил востановен од Самиот Бог, преку заповедта што Му ја дал на Мојсеј.
Му рекол:
„Кажи им на синовите Израилеви, велејќи: во петнаесеттиот ден од истиот месец, седмиот месец, е празникот Сеници, Господов празник што трае седум дена. И денот прв ќе ви биде наречен свет, никаква работа не вршете; седум дена принесувајте Му на Господа сепаленици, а и осмиот ден нека ви биде свет, и тогаш принесувајте Му на Господа сепаленици; – тоа е крајот на празникот, и никаква работа не вршете“ (3. Мојс. 23, 34 – 36).
Бидејќи празникот се совпаѓал со собирањето на плодовите, затоа заедно со жртвите како благодарност на Бога принесувале и плодови. Така, се нарекувал „празник на жетвата“ и „празник на собирање“.
Јудејците празнувале торжествено, и од таа причина бил многу омилен празник кај нив. Тоа што Јудејците престојувале во шатори за време на празникот Сеници не било нивен изум, туку Божја заповед, која му била дадена на Мојсеј:
„Седум дена престојувајте во сеници: секој тукашен во Израилот треба да престои во сеница, за да знаат поколенијата ваши дека Јас во сеници ги вселив синовите Израилеви од Египетската земја“ (3. Мојс. 23, 42 – 43).
Тоа што нѐ интересира за она што ќе го кажеме во продолжение е дека на празникот Сеници се вршеле две карактеристични символични работи.
Прво, секој ден наутро принесувале жртви сепаленици и истовремено свештениците носеле вода од Силоамската бања и, соединувајќи ја со вино, ја излевале над жртвеникот, каде што се принесувале жртвите.
Тоа го означувало излевањето на даровите на Светиот Дух, но и водата што Израилците чудотворно ја пиеле за време на своето одење низ пустината.
Второ, на првиот ден од празнувањето, заедно со вечерната жртва, ги палеле светилниците во женскиот двор од Храмот и тоа се гледало во целиот град, токму затоа што огновите биле високи 50 лакти.
Овие две символични собитија имаат големо значење затоа што се однесувале на Христа. Впрочем, Христос бил Оној што им давал вода за време на нивното одење во пустината, согласно зборовите на апостолот Павле:
„и сите пиеја исто духовно пиење; оти пиеја од духовниот камен што идеше по нив, а каменот беше Христос“ (1 Кор. 10, 4).
Христос беше и светлиот облак што ги покриваше дење и им светеше ноќе, според зборовите на апостолот Павле:
„татковците наши сите беа под облак и сите минаа преку морето; и сите во Мојсеја се крстија, во облакот и во морето“ (1 Кор. 10, 1 – 2).
Христос и како Јудеец и затоа што Самиот го даде Законот во Стариот завет, за време на Своето присуство на земјата го пазеше Законот. Така и Пасхата ја празнуваше, но и празникот Сеници. И тоа беше во рамките на Божјиот кеносис.
Евангелистот Јован ни го прикажува случајот на Христовото одење во Храмот и она што се случило таму помеѓу Него и Јудејците. Не можеме да направиме детална анализа, но ќе ги нагласиме поистакнатите и позначајните моменти.
Присуството Христово на празникот може да се подели на четири стадиуми. Прво, кога се искачи во Ерусалим, откако најнапред таму заминаа Неговите браќа од страна на Јосиф, „не јавно, туку скришно“. Јудејците Го бараа, веројатно за да Го обвинат дека не го пази Мојсеевиот закон (Јн. 7, 10 – 13).
Второ, кога го направи видно Своето присуство во Храмот, поучувајќи го народот, „кога се преполови празникот“ (Јн. 7, 14 – 36).
Значи, додека се наоѓаше во Ерусалим за време на празникот, на средината од седумте денови се појави во Храмот и го поучуваше народот. Тоа што го избра тој период од годината за да поучува се оправдува затоа што од една страна сакаше да го омекне гневот на Јудејците, бидејќи претходеше голем бунт кај нив поради Неговите чуда и поуки, а од друга страна за да Го слушнат со внимание, бидејќи на почетокот од празникот било нормално да постои расеаност (блажени Теофилакт).
Трето, кога во последниот ден од празникот објави дека Он ги наситува жедните луѓе и ги повика да дојдат близу Него. На крајот од последниот ден отиде на Елеонската Гора (Јн. 7, 37 – 53).
Четврто, кога на следниот ден утрото повторно дојде во Храмот. Се работи за т.н. осми ден, со кој завршуваше празникот Сеници.
На тој ден книжниците и фарисеите ја одведоа кај Христа жената фатена во прељуба, за да се уверат во Неговиот став. Во тој ден Он го учеше народот дека е светлината на светот и вистината која го ослободува човекот (Јн. 8, 1 – 59).
Во сите разговори што ги направи Христос на празникот Сеници, коишто се многу откровенски и богословски, се гледаат две големи вистини.
Прво, дека Христос континуирано проповедаше дека е единосуштен со Својот Отец, дека е испратен во светот од Отецот, дека Он е Синот Божји, Христос – Месијата што Го чекале Јудејците.
Се работи за една голема откровенска вистина. Чисто нагласи дека е испратен од Својот Отец:
„и Јас од Себе не дојдов, а има Еден Вистински, Кој Ме пратил и Кој вие не Го познавате“ (Јн. 7, 28). А на друго место рече: „Јас Сум што сведочам за Себе, и Отецот Кој Ме прати сведочи за Мене“ (Јн. 8, 18 – 19).
Освен ова сведоштво, во сето Негово учење се гледа дека пројавуваше особини што ги има Бог, како што се: „ако некој е жеден нека дојде при Мене и нека пие“ (Јн. 7, 37), и „Јас Сум светлината на светот; којшто Ме следи нема да оди во темнина, но има светлина во животот“ (Јн. 8, 12).
Второ, се гледаат, во сиот овој разговор, реакциите на Јудејците за овие откровенски зборови на Христа. Постојано прашуваа реактивно. Понекогаш го оспоруваа тоа што Он го кажува, а понекогаш прашуваа иронично врз основа на законот Божји.
Меѓутоа, толку многу реагираа, што се обидоа да Го удрат и да Го убијат. Го нарекоа демонизиран:
„Нели добро велиме дека Си Ти Самарјанин и дека имаш демон“ (Јн. 8, 48). На почетокот сакаа да Го фатат, но никој не можеше да Го допре затоа што не беше дојден Неговиот час (Јн. 7, 30).
Потоа, книжниците и фарисеите ги испратија служителите за да Го фатат, но тие не можеа да го направат тоа затоа што беа воодушевени од Неговите зборови (Јн. 7, 44 – 46).
Но на крај земаа камења во своите раце за да Го каменуваат, затоа што мислеа дека хули со тоа што Себеси се смета истосуштен со Бога Отецот. „Тогаш зедоа камења за да ги фрлат на Него“.
Но тогаш Христос, во крајната величина на нивната злоба, „се скри, и излезе од Храмот, минувајќи помеѓу нив, и така си замина“ (Јн. 8, 59).
Тоа што од евангелистот се кажува дека се скри, не треба да се сфати дека прибегнал во некоја куќа или се сокрил во некој агол, туку со Својата Божествена власт се направи Себеси невидлив за тие што правеа заговор против Него (блажени Теофилакт).
Во ова резимирано прикажување на тоа што се случи за време на празникот Сеници се гледаат како Божеството на Христа, така и реакцијата на Јудејците кои не можеа да прифатат дека Он е очекуваниот Избавител на Израилот. Тоа ја покажува и нивната бесчувствителност.
Освен тоа докажува и дека ако човекот не се очисти и не се подготви соодветно, не може да Го познае Христа и можно е да стане непријател Божји и во самото Негово откривање.
Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски
Подготви Светланка Трајчева