НЕДЕЛА ТРЕТА ОД СВЕТИОТ ПОСТ ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, земаме 10 стиха, и пееме 3 стихири воскресни од Осмогласник, 3 источни и 4 на чесниот крст, глас 5.
Засветли, крсту Господов, молњи светлозарни на твојата благодат, во срцата на оние што те почитуваат, и набожно со љубов те целиваат, со кој тагата солзлива се уништи, и од смртните замки се избавивме, и до трајната радост дојдовме.
Покажи ги убавините на твоето благолепие, подај им награда заради воздржанието на твоите слуги, кои верно го бараат твоето богато застапување, и милост голема.
Радувај се, крсту живоносен, на Црквата рају красен, дрво на нетление, кое ни дава наслада на вечната слава; со кое се изгонуваат бесовските полкови, и се веселат ангелските чинови, а собранијата на верните празнуваат.
Оружје непобедливо, неразрушлива тврдино, на царевите победо, на свештениците похвало! Христовите страдања сега дај ни да ги достигнеме, и милост голема.
Радувај се, крсту живоносен, на благочестието непобедлива победо, рајска врато, на верните тврдино, на Црквата оградо: со кој гнилежот се разурна и се уништи, и моќта на смртта се победи, а ние се вознесовме од земјата на небото; оружје непобедливо против бесовите, славо на мачениците, вистински украсу на преподобните; на спасението пристаниште; кој на светот му даваш милост голема.
Дојди првосоздадена двојко (Адаме и Ево), која отпадна од соборот на горните, со зависта на човекоубијци, со горчливото задоволство од некогашното јадење од дрвото.
Ете, навистина, сечесното дрво иде пред нас, со радост пријдете и целивајте го, и со вера повикајте кон него: Ти си нашата помош, крсту сечесен, дрво богоблажено, садницо небесна; откако со неговиот плод се причестивме, нетление добивме, откако првиот рај сигурно го примивме, и милост голема.
Слава: глас 3:
Христе Боже наш, Кој прими доброволно распнување заради општо воскресение на човечкиот род, си ја примил на крстот, со багреницата на твојата крв, повелбата царска за наше ослободување човекољубиво си ја потпишал. Не презирај нè во опасноста во која што се наоѓаме, поради тоа што повторно сме одвоени од тебе; на Твојот народ во неволја смилувај се; стани и победи ги нашите непријатели, како сесилен.
И сега: богородичен од редовниот глас (догматик). Вход. Светлино тивка:
Прокимен: Господ се зацари: Ектенија, и остатокот како и обично.
На литија, стихири на храмот.
Слава, и сега: глас 5:
Сета твар, гледајќи Те како висиш на крстот необлечен – Тебе, Создателот и Творецот на сè, од страв трепереше и редеше: Сонцето си ја помрачи светлината, земјата трепереше, камењата се распаѓаа и завесата на храмот се раздра; мртвите од гробовите станаа и ангелските сили се исплашија, говорејќи:
О чудо! Судијата е суден! И доброволно страда за спасение на светот и за негово обновување.
На стиховни, стихири самогласни.
Слава, и сега: глас 4:
Господи, Кој му помагаше на Давида да ги победи иноплемениците, и на верниот народ наш помагај му, и со оружјето крсно одбиј ги нашите непријатели; покажи ги на нас, Милосрден, твоите древни милости, и да разберат навистина дека си Ти Бог и дека ние, коишто се надеваме на Тебе, победуваме, ние кои се молиме на твојата пречиста Мајка, да ни дарува милост голема.
Тропар: Богородице Дево: (2-пати); и на крстот еднаш. Глас 1:
Спаси ги, Господи, луѓето твои и благослови го твоето наследство, победи на благоверниот народ наш над непријателите давајќи му, и со крстот твој пазејќи го твоето население.
И остатокот од бдението, како и обично.
Изворː ПОСЕН ТРИОД
Подготви Светланка Трајчева