Свети Алексиј човек Божји
Различни се патиштата по коишто Бог ги води оние што сакаат да Му угодат и да го исполнат Неговиот закон.
Во времето на царот Хонориј во Рим живееше високиот царски достоинственик Ефтимијан, многу угледен и многу богат.
И тој и жена му Аглаида животот го минуваа богоугодно.
Иако беше богат, Ефтимијан само еднаш дневно седнуваше на трпеза, и тоа по залезот на сонцето.
Имаа син единец, овој Алексиј, кој кога порасна го принудија да се ожени.
Но ноќта по свадбата тој не само што ги остави жената и домот на својот татко туку седна на кораб и отиде во градот Едеса во Месопотамија, каде што беше прочуениот неракотворен лик на Господ Исус, испратен од Него Самиот за царот Авгар.
Откако му се поклони на овој лик Алексиј се облече во руво на просјак и како таков живееше во тој град полни седумнаесет години, непрестајно молејќи Го Бога во припратата на црквата на Пресвета Богородица.
Кога таму се прочу како богоугодник, се уплаши од човечката слава и замина оттаму, седна на кораб што оди за Лаодикија, но по Божја Промисла коработ беше носен и доплови дури до Рим.
Сметајќи го ова за прст Божји, Алексиј смисли да отиде во домот на својот татко и таму како непознат да го продолжи својот подвиг.
Татко му не го препозна, а од милосрдие му дозволи да живее во една визба во неговиот двор.
Овде Алексиј помина уште седумнаесет години, живеејќи само на леб и вода.
Слугите го малтретираа на разни начини, но тој претрпе сѐ.
А кога му се приближи крајот, напиша една хартија, ја стегна во рацете, легна и издивна, на 17 март 411 година.
Тогаш во црквата на Светите апостоли стана во присуство на царот и на патријархот откровение во вид на глас кој рече:
„Побарајте го човекот Божји“.
Малку по ова се откри дека тој човек Божји е во куќата на Ефтимијан и по долго распрашување дознаа дека станува збор за оној просјак.
Кога влегоа го најдоа мртов во неговата визба, а во лицето блескаше како сонце.
Од онаа хартија неговите родители дознаа дека е тоа нивниот син Алексиј, а невестата којашто триесет и четири години живееше без него го виде нејзиниот маж, па сите ги обзеде неизмерна тага.
По ова сепак се утешија, гледајќи дека Бог го прослави Својот угодник.
Од допирот на неговото тело се лечеа многубројни болни и од него потече благоухано миро.
Го погребаа во ковчег од мермер и смарагд.
Главата се наоѓа во Светата Лавра на Пелопонез.
Преподобен отец наш Алексеј човек Божји
Тропар, глас 4:
Откако се издигна на добродетелта, и умот си го очисти, си ја достигнал крајната желба. Кога твојот живот го украси со бестрастие, и со чиста совест прифати извонредно постење, пребивајќи во молитвите како бесплотен, како сонце си засветлил во вселената, преблажени Алексие.
Канон, чиј акростих еː Те фалам тебе, човекот Божји, блажени. Од Кир Јосиф. Глас 2.
Песна 1.
Ирмосː Некогаш, невидливата сила, во бездната (морска) ја испрати сета војска фараонова; а (сега) воплотеното Слово го уништи сезлобниот грев, зашто најславниот Бог славно се прослави.
Си врвел по најтесниот пат, минувајќи непорочен и свет живот. Затоа, рашири ја теснотијата на мојот ум, за да те фалам, населен во рајската широчина, мудар Алексие.
Откако самиот себе целосно Му се предаде на Бога, блажен (Алексие), си бил надвор од телото и од светот. Претпочитајќи го небесното богатство и ветениот вечен град Сион, пред земното (богатство) кое минува.
Со твоето раѓање си ја разрешил неплодноста на утробата од твојата мајка, како Самуил, пребогат Алексие, и, откако во утробата на твоето срце го зачна чистиот страв, со верата и со божествените добродетели си го родил духот на спасението.
Богродиченː
Со беспочетниот Син Божји ти должи за Неговото подобие со нас, Дево, откако те најде тебе како единствена почиста од секое создание.
Затоа те воспеваме сите родови и блажена те именуваме.
Седален, глас 3.
Си ја оставил убавината на светот, преподобен Алексие, откако минливото богатсво си го заменил за неминливото. Затоа те славиме со сите светии, и во твој спомен светло торжествуваме, барајќи да најдеме милост голема, по твоите молитви.
Кондак, глас 2:
Имајќи го како туѓ домот на твоите родители, во него си станувал како питач и, откако го прими венецот на славата, по упокојувањето, на земјата се покажа како чудесен, Алексие, човеку Божји, радост на ангелите и на луѓето.
Икосː Си се украсил со живот и со зборови, и со твојот живот си ја возвеличил Црквата Христова, откако ги подготви таткото и мајката, царот и луѓето да торжествуваат; откако со дела го сочува она што е по образ Божји, во светот си засветлил со твоето целомудрие.
Затоа благодатта на твоите добродетели ги озарува сите оние што со вера го празнуваат твојот спомен, отче, зашто се покажа како радост на ангелите и на луѓето.
Подготви Светланка Трајчева
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Втор том, Февруари – август (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија.