Великиот и славен Крстител Јован беше убиен по желба и наговор на злобната Иродијада, жената на царот Ирод.
Откако му ја отсекоа главата, Иродијада нареди да не му ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашеше дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне.
Затоа ја зеде неговата глава и ја закопа на едно скриено и бесчесно место длабоко во земјата.
Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можеше да трпи главата на Божјиот човек да остане на она бесчесно место, па тајно ја откопа, ја однесе во Ерусалим и ја закопа на Елеонската Гора.
Не знаејќи за сето тоа, кога царот Ирод дозна дека Исус врши големи чуда, се уплаши и рече:
„Тоа е Јован кого што јас го убив, стана од мртвите“ (Марко 6, 16).
По извесно време еден угледен богаташ поверува во Христа, ја остави својата висока позиција и суетата на светот и се замонаши, па како монах со името Инокентиј се насели на Елеонската Гора токму на она место каде што беше закопана главата на Свети Јован Крстител.
Сакајќи да си ѕида келија копаше длабоко и пронајде земјен сад и во него глава за којашто на таинствен начин му беше јавено дека е на Крстителот.
Тој ја целива и ја закопа на истото место.
По Божја Промисла оваа чудотворна глава подоцна одеше од рака на рака и понираше во мракот на заборавот па одново беше објавувана, додека најпосле во времето на благочестивата царица Теодора – мајка на Михаил а жена на царот Теофил – и во времето на патријархот Игнатиј, не беше пренесена во Цариград.
Од главата на Светиот Предвесник се извршија многубројни чуда.
Значајно и интересно е тоа што додека беше жив Свети Јован не изврши ниедно чудо (Марко 10, 41), а на неговите Свети мошти им се даде дар на чудотворство.
УТРЕНА
Тропар, глас 4.
Пророче и Претечо, Христос ни ја откри твојата глава како божествена ризница скриена во земјата. Затоа, собрани сите во денот на нејзиното наоѓање, со песни богогласни Го воспеваме Спасителот,Кој нѐ спасува од распадливоста со твоите молитви.
Свето Евангелие според Лука
7ː 17. И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.
18. И му соопштија на Јована учениците негови за сето тоа.
19. Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исуса, говорејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?”
20. И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: „Јован Крстител нè прати при Тебе, велејќи: »Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?«“
21. Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид.
22. И им одговори Исус и рече: „Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието;
23. и блажен о оној, кој не ќе се соблазни поради Мене.”
24. А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее на ветар?
25. Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние, што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се.
26. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк.
27. Овој е, за кого што е напишано: »Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.«
28. Оти ви велам: меѓу родените од жени нема ниеден поголем пророк од Јована Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.”
29. И сите луѓе, што слушаа, па и митниците, Му благодареа на Бога дека се беа крстиле со крштавањето Јованово;
30. а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, и не се крстија со него.
Седален, глас 4.
Како што рудниците даваат злато, твојата света глава од прегратките на земјата сега преславно ги збогати мислите на сите верни со богопознание, како и обично викајќиː Покајте се! Нејзе поклонувајќи ѝ се, Претечо, со вера Го славиме Христа велегласно.
Кондак, глас 6.
Оној што во овој свет е светлоносен и божествен столб, Светилник на Сонцето – Претечата, кој својата божествена и светлоносна глава ѝ ја покажа на целата земја, тој ги осветува оние што со вера се поклонуват и викаатː Христов премудар Крстителу, спаси нѐ сите нас.
Икосː Богољубивата глава Претечева испушта води од земјата како рајски извор, и потоци од чуда им излева на сите оние што имаат потреба.
Затоа да пристапиме сите од срце и да нацрпеме божествени исцеленија од овие потоци, зашто тие ги напојуваат душите со непресушни дарови и ги потопуваат телесните болести, и отстрануваат благовремено секакви слабости.
Неа со љубов да ја воспееме, и со вера да ја целиваме, и со песни како со венци да ја овенчаме, верни. Најнапред да ги очистиме нашите мисловни нечистотии, и да ги украсиме своите души со божествени добродетели, и силно да извикамеː Христов премудар Крстителу, спаси нѐ сите нас.