Свети Григориј Богослов МИСЛИ напишани во по четири стиха
21.
22. Тебе ти претстојат маки, задоволства, надеж, стравови, богатство, сиромаштија, слава, беславие, престоли;
сето ова нека минува, како што сака. До човекот, кој се утврдил на добри темели, ништо непостојано не се докоснува.
23. Подобро возвисувај се со животот, одошто со мислата. Животот може да те направи богоподобен, а мислата може да те доведе до голем пад. И животот устројувај го не по мала мерка. Колку високо и да се воздигнеш, сепак ќе стоиш пониско од заповедите.
24. Не тежнеј по секаква слава, и не тежнеј премногу; подобро е да бидеш добар, одошто само да те сметаат за таков. Ако, пак, не можеш да се смириш; тогаш лови ја славата, но не суетната и не сѐ некоја нова. Каква полза има мајмунот, ако го сметаат за лав.
25. Фали го ближниот, но не мисли високо за себе кога ќе те фалат; зашто опасно е, да не се покажеш поништожен од пофалбите. И ближниот фали го, но не брзај, туку најпрвин опитно дознај, да не се засрамиш, ако се покаже полош.
26. Подобро е за себе да слушаш полошо, отколку да зборуваш лошо за друг. Ако некој, сакајќи да те развесели, го изложува ближниот на потсмев; тогаш замисли си, дека за предмет на потсмевот служиш самиот ти; во тој случај неговите зборови уште повеќе ќе те огорчат.
27. Не фали се со пловидбата, додека коработ сѐ уште не ти е врзан за брегот. На мнозина, бродовите кои среќно пловеле, им се разбивале во пристаништето. Мнозина биле однесени во деветиот бран. Едно е безопасно – да не се полага надежта во среќата.
28. Полесно му е да придобие некаква смелост пред Владиката, оној, кој живее добро, и се потрудил, отколку да биде повикан од Него на суд, оној, кој не се одликува со добри дела, иако сѐ кај него бива со расудување.
29. Откажи се од сѐ, и стекнувај го единиот Бог, зашто си раздавач на туѓиот имот. А ако не сакаш сѐ да оставиш, тогаш дај го барем поголемиот дел. Ако и тоа не го сакаш, во крајна мера, барем она што ти е вишок употреби го благочестиво.
30. Добро е да заштитиш некого од озборување и од завист. Подобро е да се има Христос за должник, одошто над сѐ да се владее. Христос за едно залче леб дарува царство; а хранејќи го бедниот, ти Го храниш и Го облекуваш Христа.
31. Дошол бедниот, и си заминал, ништо не добивајќи. Се плашам, Христе, да не и јас, кој имам потреба од Твојата помош, а според моите закони, не заминам од Тебе без добивка. Зашто кој не дал, не се надева ни дека ќе прими.
32. Најбезопасен е човек кој нема никаков имот. Тој е обратен кон Бога и единствено Него Го гледа. Засолни го таквиот во своите прегратки. И моќниот орел, како што велат, во своето гнездо грее малечка птица.
33. Сиромаштијата е подобра од неправедно збогатување, исто како што и болеста е подобра од здравје во лукавство. Човекот не умира веднаш од глад; но за порочните лошиот живот е смрт.
34. Што значат зборовитеː господар и слуга? Каква лоша работа! Сите имаме еден Творец, за сите важи истиот закон, истиот суд. Примајќи ја услугата на оној, кој ти служи, гледај како на сослужител; и ќе се удостоиш со поголема чест, кога ќе се одделиш од телото.
35. Што треба да чинат слугите, особено слугите Божји? – Да не престануваат да му угодуваат на господарот. И во слободните и во слугите е втиснат животот. Христос дојде во образ на слуга, а сепак, Он сите нѐ ослободи.
36. Срами се ако те наречат порочен, а не ако те наречат низок по род. Знаменитоста на родот е древна гнилост. Подобро е да бидеш почеток, одошто крај на родовската лоза, подеднакво, како што е подобро самиот да бидеш благолик, отколку да бидеш роден од благолики родители.
37. Во расудувањето за Бога и за божественото не знај за мерка на наситување. Бог во уште поголема мера им се дарува Себеси на оние, кои се отворени за Него. Он и Самиот жаднее по оние, кои жаднеат по Него, непрестано и преизобилно излевајќи им се Себеси ним. А ако некој е побогат од тебе во нешто друго, кон тоа биди рамнодушен.
38. Не труди се секогаш и во сѐ да го држиш врвот. Подобро е да ја отстапиш над себе победата со полза, отколку да победиш со штета. И кај борачите не секогаш за победен се смета оној, кој лежи одоздола, туку често – и оној, кој останува одозгора.
39. Во некои работи поднеси и загубаː тоа често знае да биде и корисно; како што и билката ја поткаструваат, за да биде поплодородна. А ако кон она, што го имаш сега, придодадеш нешто на неправеден начин; тоа би било како да подметнуваш оган под дрва, или како на здравото тело да му придодаваш болест.
40. Доколку со ништо не си виновен пред Бога и со ништо не си заслужил казна; тогаш немај сочувство (сострадание) ни кон оние, кои се виновни пред тебе. А ако ја знаеш својата вина пред Бога; тогаш и самиот покажувај снисходливостː зашто кај Бога, на милоста со милост ѝ се возвраќа.
(превод од рускиː М.З.) Изворː ДОМОСТРОЈ, РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО ’95 бр. 11/12
Подготви С. Трајчева