+ ЗА МОЛИТВАТА И МОЛИТВЕНИОТ ЖИВОТ НА ХРИСТИЈАНИНОТ +
Навистина е пријатно во молитвата да се спомнат душите на оние што знаеш дека очите им се насочени кон Господ и во Него се зближуваат со нас.
Поврзувајќи нѐ, Бог знае кој кому му прави поголемо добро: оној што се моли или оној што бара молитва.
Молитвата нѐ приближува до Бога и ни овозможува да го видиме она што не можеме да го видиме во овој променлив свет.
Душата што постојано Го бара Господ и која Му се моли, таа Нему Му припаѓа, без оглед на тоа што нејзиниот понизок, сетилен дел, понекогаш и спротивно на нејзината волја е вознемирен поради близината и дејството на силите кои не се сродни на човекот.
Како што светата Црква премудро нѐ учи: во мир да Му се помолиме на Господа, за сите и за сѐ. Душата на оној што се моли во смирение, и ако се разгори, гори со тивок и чист пламен.
Гори, но не согорува.
Капе, но не прекапува.
Се излева, но никогаш не се испразнува.
Зар душата што усрдно се моли не е во заедница со оној за кого се моли?
Зар во тоа единство таа не ѝ дава силен поттик и сила на душата што има потреба од помош?
Најдобар начин за дружење и заедница меѓу луѓето е да се молиме едни за други.
Ако молитвата не е совршена, нејзините недостатоци според можностите треба да се поправаат, но никако да не се очајува заради нив.
Треба да се разликува активната молитва од состојбата кога некој се насладува со молитвата.

























Активната молитва човекот треба да ја практикува секогаш и неуморно, се разбира, според молитвеното правило, а утехата ја подарува Господ според Својата благодат, тогаш кога е потребно за да го привлече и закрепне човекот, и тогаш кога човекот може да ја прифати.





